Пазарната инспекција од утре на терен ќе врши контроли по маркетите за да види дали се спроведува одлуката за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи.
Контролите ќе се вршат над производите кои ги опфаќаат Одлуките за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, односно: тестенини неварени, неполнети ниту поинаку приготвени, што не содржат обично пченично брашно или гриз, без додаток на јајца (макарони и шпагети) чија највисока цена на овие производи од ставот се утврдува на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година, во трговијата на мало, и се намалуваат за 15 отсто.
Понатаму, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; урда; кравјo бело сирење и мешано бело сирење; кравји кашкавал (со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан); кисело млеко; павлака и јогурт, без додатоци, а највисоките цени на наведените млечни производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година, во трговијата на мало, и се намалуваат за 10 проценти.
Во случај да се утврди прекршување на Одлуките ќе следат казни од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.
Државниот пазарен инспекторат објави дека ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуките, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало.
Апелираат да се почитуваат одлуките, а исто така ги повикуваат граѓаните доколку забележат неправилности веднаш да пријават во пазарниот инспекторат.