Анализа на порталот „Пари“
Македонската широка потрошувачка годинава се очекува да порасне за 260 милиони евра, до 2025 година да порасне во обем со проценета вредност од 2,5 милијарди евра, а според последните податоци изнесува 1,9 милијарда евра до крајот на 2023 година. Но најголемиот дел од месечните примања граѓаните го трошат за секојдневна потрошувачка во маркетите.
Граѓаните очекуваат од маркетите да добиваат квалитетни и безбедни производи, висококвалитетна услуга, разновидна и богата понуда, услужлив и пријателски расположен персонал. Потрошувачите стекнуваат и навики како да пазарат. Некои од нив ги следат акциите во маркетите, додека други, едноставно, се привикнуваат на одредени маркети и вообичаено пазарат таму.
И покрај сето тоа, компаниите градат цврсти врски со потрошувачите и создаваат вредност за потрошувачите и за себе.
Порталот „Пари“ ги анализираше податоците од Бизнис-мрежата за приходите и добивките што ги направија најголемите трговски маркети во 2023 година. Во десетте бизнис-лидери на маркети во кои најмногу се пазари, граѓаните лани оставиле над една милијарда евра, а направена е добивка од речиси 38 милиони евра.
МАРКЕТИ ШТО ГРАЃАНИТЕ НАЈМНОГУ ГИ ПРЕФЕРИРААТ
Бизнис-лидер со највисоки приходи неколку години по ред е „Кам маркет“. Граѓаните во овој маркет лани оставиле 268,8 милиони евра. Како второпозициониран маркет според приходите го следи „Кипер“, со 175,2 милиони евра. „Стокомак“, со промет од 138,5 милиони евра, е на третото место, како и во 2022 година, но тогаш со помал приход – 119,8 милиони евра. „Веро“ во 2023 година го надмина „Тинекс“, со реализиран приход од 102,6 милиони евра, во споредба со 2022 година, кога имаше остварен промет од 90,4 милиони евра и беше рангиран по „Тинекс“. „Кит-го“ веќе се етаблира како синџир што прави добри приходи. Ланскиот вкупен приход му бил 86,9 милиони евра, а во 2022 година остварил промет од 78,1 милиони евра.
Во првата десетка рангирани по приходи се пласира и маркетот „Монтенегро“. Оваа компанија лани остварила приход од 22,8 милиони евра.
КОЈ КОЛКАВ ПРОФИТ ОСТВАРИЛ
Рекордер по добивка неколку години по ред е „Веропулос“, со остварена заработка за 2023 година од 10,3 милиони евра, со раст од 12,79 отсто во споредба со 2022 година. Интересно е да се забележи дека според приходот „Веро“ е на четвртото место, а според добивката е лидер со години. Под него е „Кам маркет“, со заработка од 7,3 милиони евра, што е речиси дупло од заработката во 2022 година, кога добивката изнесувала 4,9 милиони евра. Во првата тројка бизнис-лидери со највисока добивка спаѓа и „Кипер“, со нето-заработка од 5,5 милиони евра.
Најголем раст во листата на добивки има остварено „Тинекс“, дури 208 отсто повеќе од 2022 година. Во 2023 година заработил 1,4 милион евра.
Всушност, во најголем дел фирмите се повторуваат во двете рангирања: „Стокомак“ со добивка од 4,1 милиони евра е на четвртото место (на третото според приходот); „Кит-го“ е петти по профитот (3,8 милиони евра), а шести по приходот, „Рамстор“ со добивка од 2,4 милиони евра е шести по профитот, а осми по приходот.
Како што се гледа од податоците, две фирми не фигурираат на листата на добивки, а ги има на списокот со приходи. Тие се „Грандпром-Зур“ и „Монтенегро“.
Во однос на добивките, меѓу овие десет трговски синџири, најмалку може да се пофали „Омер компани“, кој лани реализирал добивка од 932 илјади евра.
БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ ПО МАРКЕТИ
Вработените се највредниот ресурс на компанијата. Во овие десет бизнис-лидери има вкупно 7.793 вработени. Убедливо најголем број на вработени имаат маркетите „Кам“ и „Тинекс“. Во „Кам“ заработуваат 1.251 вработен, а во „Тинекс“ 1.196 вработени. „Кипер“ и „Кит-го“ имаат по околу 900 вработени. Во топ десет бизнис-лидери по бројот на вработени на последното место е „Рептил“, со 280 вработени, но овој маркет, пак, не се рангира ниту во листата по добивка, ниту во листата по приход.
Светскиот тренд на изумирање на локалните продавници, со засилено темпо и без исклучок е случај и во Македонија и тој сѐ повеќе се засилува со отворањето повеќе трговски центри, а од друга страна и маркетите го следат овој тренд и отвораат поголеми и поопремени продавници што можат да ги задоволат барањата од потрошувачите.
Големи маркети со највисоки приходи
Големи маркети со највисока добивка
Текстот го подготви Катерина Михајлова, новинарка од редакцијата на порталот „Пари“, наменски за настанот Бизнис-лидер