Според податоците на Народната банка, во вкупните депозити од 600.382.000.000 денари, средствата на граѓаните зафаќаат 396.898.000.000 денари или 6,45 милијарди евра. Имено, месечно влоговите на секторот домаќинства е зголемен за 3,9 насто. Во тој контекст, позабележителен е растот на депозитните пари наспроти забележаните промени и нагорен тренд и кај долгорочните денарски и девизни депозити, како и кај краткорочните депозити во домашна валута. Годишниот раст изнесува 13,8 проценти
Парите на граѓаните (и на компаниите) доверени на банкарскиот сектор во декември 2024 година достигнуваат 9,76 милијарди евра. Само за еден месец тие се зголемени за 5,3 проценти, а на годишно ниво зголемувањето е за 12,4 отсто.
На македонските граѓани во декември 2024 година банките им одобриле за 1,1 отсто повеќе кредити во споредба со ноември минатата година. Карактеристично е тоа што граѓаните најчесто се задолжувале во девизи. За една година кредитната поддршка е повисока за 8,8 отсто.
Граѓаните најмногу аплицираат за потрошувачки кредити
Во споменатиот извештаен период (декември 2024 година), вкупниот износ на одобрени апликации за граѓанските задолжувања кај банките изнесува 128.863.000.000 денари, односно 2,09 милијарди евра.
Од извештајот се дознава дека граѓаните во Македонија аплицираат за потрошувачки кредити. За издвојување е дека во тој сегмент има пораст на месечно ниво за 1,3 и годишен пораст за 7,5 отсто.
На второ место по потрошувачките кредити се станбените кредити, каде што се регистрирани 2,3 отсто како месечна и 12,5 отсто како годишна промена. Или за обезбедување сопствен дом се искористени 94.398.000.000 денари (1,53 милијарда евра).
Во текот на последниот месец од 2024 година граѓаните не покажале особен интерес за купување возило на кредит. Во тој сегмент има тренд на намалување за 2,9 отсто на месечно ниво. Сепак, се бележи годишен раст од 4,7 проценти.
Континуирано оди надолу задолжувањето кај банките со употреба на кредитните картички, при што податоците на Народната банка на Македонија укажуваат на месечен надолен тренд од 1,9 отсто и годишен пад од 9,2 отсто. Во таква фаза е и состојбата кај негативните салда на тековните сметки, со месечно намалување од 13,5 отсто и годишно за 4,4 отсто. А, кредитите одобрени по други основи за еден месец се повисоки за 0,2 отсто, но годишно се пониски за 12 отсто. Во ноември и декември (два месеца) вкупните кредити пораснале за 2,7, а за една година се повисоки за 11,2 проценти и изнесуваат 8,03 милијарди евра.
Депозити и кредити во корпоративниот сектор
Вкупните депозити на корпоративниот сектор во декември се зголемени за 8,7 отсто на месечно ниво и се во износ од 176.281.000.000 денари, односно 2,86 милијарди евра. Анализирано на годишно ниво, тие бележат раст од 9,2 отсто.
Но кредитите што им биле одобрени на компаниите во декември поттикнале зголемување од 4,4 отсто. Тоа најмногу произлегува од побараните и добиени кредити во денари. Годишниот раст изнесува 13,9 проценти. Е.Р.