Криптопазарот беше разурнат, но Тајлер и Камерон Винклвос свиреа, пишува „Њујорк тајмс“. Четириесетгодишните близнаци милијардери познати по нивната улога во создавањето на социјалната мрежа Фејсбук, настапија со нивниот бенд во близина на Денвер, само неколку недели откако нивната компанија „Џемини“ за тргување со дигитални валути (проценета на седум милијарди долари) отпушти 10 отсто од вработените.
Криптовалутите долго време беа сметани за средство за економска еманципација. Ентузијастите промовираа дигитални валути што се разменуваат преку компјутерски мрежи кои ги потврдуваат трансакциите, наместо преку банките, како средство за луѓето од сите сфери на животот да постигнат значително богатство надвор од традиционалниот финансиски систем. Но падот на криптопазарот откри голема поделба. Додека вработените во криптокомпаниите ги губат работите, а малите инвеститори трпат големи загуби, „големите играчи“ изглегуваат од кризата релативно неоштетени.
Ниту еден инвеститор во криптовалутите не го избегна во потполност падот на пазарот, но мала група на бизнис-титани успеа да стекне големо богатство додека цените растеа во изминатите две години, што сега им пружа ублажување на падот. Повеќемина од нив купуваа биткоин, етер и други криптовалути пред неколку години кога цените изнесува мал дел од сегашната вредност. Некои остварија рани добивки, продавајќи делови од крипто-поседите, а други управуваа со компании за криптовалути и заработија преку акции или со инвестиции во недвижности.
Од друга страна, многумина аматери-трговци го преплавија криптопазарот за време на пандемијата кога цените веќе почнаа да растат. Некои ги вложија животните заштеди, оставајќи ги ранливи при падот, а илјадници се вработија во криптокомпаниите, верувајќи дека тоа може да им донесе добра заработка. Сега многумина од нив остануваат без заштедата или без работа.
– Без разлика на се, тие со пари ќе бидат добро – вели Тод Филипс од тинк-тенкот „Центар за американски прогрес“.
Вкупното богатство на 16-те најголеми крипомилијардери надмина 135 милијарди во март, според проценките на „Форбс“. Од неделава изнесува околу 76 милијарди, но најголемиот дел од загубите е претрпен од Чангпенг Жао, од платформата за размена на криптовалути „Бајненс“. Неговото богатство се намали од 65 на 17,4 милијарди долари.
Камерон и Тајлер Винклвос, пак, „тежеа“ по четири милијарди долари пред падот, а сега поединечно имаат по 3,3 милијарди, според „Форбс“.
Триесет и тригодишниот Бен Томпсон од Австралија се соочува со поинаква ситуација, откако загуби околу 45 илјади долари во падот на криптопазарот, што изнесува половина од неговата животна заштеда. Тој вложува во криптовалутите од 2018 година и планирал да отвори своја пиварница.
– Малите луѓе се искористени – кратко порача Томпсон, коментирајќи ја сопствената загуба.