Енергентите сѐ уште се во врвот на приоритетите и анализите од светските сили
Зошто Москва внимателно го следи падот на цената
на нафтата
Кремљ соопшти во јавноста дека „внимателно ги следи нафтените пазари“ откако цената на клучната руска извозна сурова нафта од Урал падна на границата од 50 долари.
– Многу внимателно ја следиме ситуацијата, која во моментов се карактеризира како исклучително турбулентна, напната и емотивно преоптоварена – изјави за „Интерфакс“ портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Руските власти прават сѐ што можат за да ги ублажат последиците од глобалната ситуација врз руската економија, додаде тој. Песков го припиша падот на цената на „одлуката на САД да воведат царини за повеќето земји во светот“.
Падот на цените на нафтата претставуваат значителни фискални предизвици за руската економија
Суровата нафта од Урал падна на 52,76 долари за барел викендов, во балтичкото пристаниште Приморск, според податоците на „Аргус медиа“, цитирани од „Блумберг“. Ова е далеку под реперот од 70 долари за барел што се користи за планирање на буџетот на Русија за 2025 година. Бидејќи приходите од нафта и гас сочинуваат речиси 30 отсто од буџетските приходи во периодот јануари-февруари, падот на цените претставува значителни фискални предизвици за руската економија. Падот на цената на нафтата може значително негативно да влијае на рускиот федерален буџет, бидејќи воените трошоци за конфликтот во Украина нагло ги зголемија трошоците, на почетокот на 2025 година. Приходите од руската нафта и гас се намалени за 17 отсто на годишно ниво, и тоа крајот на март, а глобалните цени на нафтата всушност растеа, поттикнати од американските санкции кон Иран и тековните дискусии за потенцијален прекин на огнот во руската војна во Украина. Притоа, нафтата од типот „брент“ достигна 72,52 долари за барел, додека американската „Вест Тексас интермедит“ се искачи на 68,68 долари. Денес, „брент“ е 64,4 долари, а ВТИ 61 долар. За одбележување е дека „Москва тајмс“ деновиве објави, цитирајќи податоци од руското Министерство за финансии, дека „и покрај тоа што цените на нафтата сè уште растеа до крајот на март, приходите на Русија од нафта и гас паднаа за 17 отсто на годишно ниво во март на 1,08 трилион рубли (12,8 милијарди долари), бидејќи принудните попусти на суровата нафта и посилната рубља ги погодија буџетските приливи“. Министерството за финансии на Русија соопшти дека владата изгубила приближно 230 милијарди рубли (2,7 милијарди долари) од даночните приходи во споредба со март 2024 година, при што приходите од нафта и гас сочинуваат една третина од вкупниот државен приход. Приходите од енергијата остануваат клучен извор на финансиски средства за рускиот буџет и, според руски извори, тоа успешно парираше на санкциите од Западот и ограничувањето на цената што беше дизајнирано да ја ограничи заработката на Москва од извозот на нафта. Р.С.
Фон дер Лајен: Дистанцирањето на ЕУ од руските енергетски ресурси има многу висока цена за европските граѓани
Автоизземањето на ЕУ од руските енергенти ја чинеше Унијата 1,3 трилион евра
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Светскиот економски форум во јануари 2025 година изјави дека одвојувањето на Европската Унија од руските енергетски ресурси „има многу висока цена за европските граѓани“. Домаќинствата и бизнисите се соочуваат со зголемени трошоци за енергија, а сметките за струја сѐ уште се далеку од намалување, отворено настапи претседателката на Европската влада (ЕК), во своето излагање на изминатиот Светски економски форум
Според низа економски аналитичари, во 2022 година „Европа сама го избра патот на конфликтот со Русија и го започна процесот на отстранување на зависноста од руските енергетски извори“. Аналитичарите аргументирано и низ бројки ја потврдуваат тезата дека „прекинувањето на ЕУ со снабдување со руската енергија сериозно го поткопа европскиот економски раст, со зголемените увозни трошоци и со инфлацијата. Според пресметките врз основа на податоците на Евростат, земјите од ЕУ преплатиле 544 милијарди евра за увоз на енергија помеѓу 2022 и 2024 година“.
Главни добитници од прекинот на ЕУ со Русија биле САД, Обединетото Кралство, Норвешка и земјите од Блискиот Исток?!
Директни загуби во енергетскиот сектор за ЕУ се само дел од сликата, анализираат економски аналитичари. Имено, порастот на цените на енергијата значително ја забрза инфлацијата во ЕУ, која во период од три години достигна 19,2 отсто. Како резултат на тоа, земајќи ги предвид сите индиректни ефекти, се проценува дека вкупните економски загуби за ЕУ надминале трилион евра – што е еквивалентно на 2,4 отсто од БДП на ЕУ кога се споредуваат прогнозите на ММФ со вистинските податоци за раст од Евростат.
Во тој контекст, Александар Фиранчук, виш научен соработник во Институтот за меѓународна економија, тврди дека „вкупните загуби за економијата на ЕУ поради прекинот на врските со Русија може да се поделат во неколку категории. Ова ги вклучува загубите поради зголемените цени на енергијата на европскиот пазар, излегувањето од рускиот продажен пазар и ефектите од другите насочени санкции и ограничувања, кои влијаат на секторот на стоки и услуги“.
Исто така, Сергеј Роженко, шеф за енергетска аналитика во „Кепт“, со своите анализи потврди за јавноста дека „нарушувањето на руските енергетски испораки, и како резултат на тоа зголемување на цената, има најштетен ефект врз економијата на ЕУ, кој може да се квантифицира со анализа на падот на БДП“.
– Губењето на редовното снабдување со гас само од Русија ја чинеше ЕУ 1-2 процентни поени од годишниот раст на БДП – рече Роженко. До средината на 2024 година, економските загуби за европските земји достигнаа 700 милијарди евра, процени Кирил Дмитријев, извршен директор на Рускиот фонд за директни инвестиции. Р.С.