Сопственикот на „Тесла“, Илон Маск, што има моќ да создаде, но и да уништи криптовалути во вредност од милијарди долари со само еден твит, помогна доужкоин да се пробие меѓу 10-те најпопуларни криптовалути во изминатите 18 месеци, пишува „Форбс“.
Но падот на цената на доужкоин во последните неколку месеци, резултираше со загуба на повеќе од 90 отсто од нејзината рекордна вредност забележана во мај, додека пад забележаа и биткоинот, етериумот и криптопазарот.
Сега, додека биткоинот и етериумот се на работ на катастрофа, Маск и неговите компании „Тесла“ и „Спејс екс“ се цел на тужба вредна 258 милијарди долари во која се тврди оти се дел на пирамидална шема за кревање на цената на доужкоин.
– Маск, „Тесла“ и „Спејс екс“ лажно и измамнички тврдат дека доужкоин е легитимна инвестиција кога воопшто нема вредност – вели Кит Џонсон, кој се опишува како американски граѓанин што загубил пари при измамата на крипто-пирамидалната шема на обвинетите.
Тој ја поднесе неговата тужба во Њујорк, а има намера и да застапува и други наводно измамени инвеститори. Џонсон има две барања за отштета од 86 и 172 милијарди долари, а се обидува да издејствува и блокирање на Маск, „Тесла“ и „Спејс екс“ од промовирањето на доужкоин.
– Доужкоин едноставно е измама во која жртвите се измамени во купување на монетата по повисока цена – се вели во тужбата, пред да се наведе листа на твитовите на Маск и изјавите што ја качија цената на доужкоин во изминатите 18 месеци.
Маск кој беше изгласан за „извршен директор на доужкоин“ во шеговита твитер-анкета во 2019 година важи за поддржувач на криптовалутата што ја оквалификува како негова омилена. Милијардерот претходно откри дека лично поседува доужкоин, како и биткоин и етериум.
Во 2021 година Маск ја зголеми и цената на биткоинот кога откри оти „Тесла“ купила монети од таа криптовалута во вредност од 1,5 милијарди долари. Маск преку „Тесла“ и „Спејс екс“ го поддржа доужкоин, дозволувајќи им на клиентите на неговите компании да плаќаат со криптовалутата.