Фото: Влада

Постигнавме договор со Владата, ова е историска придобивка за вработените во администрацијата, рекоа денеска претставниците на репрезентативните синдикати по средбата со премиерот Христијан Мицкоски и неговиот економски тим. За околу 11 000 административци ќе се потпишуваат поединечни колективни договори, а предвидено е да добијат покачување на платите од скоро 40 отсто до 2028 година.

Како што истакнаа на заедничката прес-конференција претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски и претседателот на Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството (САДУ), Благоја Ралповски, со оглед дека Општиот колективен договор во јавниот сектор е истечен, наскоро ќе треба да почнат преговорите за потпишување нов Општ колективен договор.

-По скоро 1,5 година преговори и барање на Синдикатот на УПОЗ, постигнавме договор со Владата – ќе се потпишуваат поединечни колективни договори со кои конечно вработените во управата и правосудството ќе имаат методолопгија за покачување на платите. Многу пати потенциравме во минатото, дека овие вработени остануваа некако сами, на крај, но со ова покачување на плата ќе имаме и поповолно право од она во Општиот колективен договор, како и систем до 2028 година што ќе гарантира дека ќе имаат достоинствени плати. Останува да го допрецизираме текстот на колективниот договор што мислам дека ќе биде најмал проблем и да ги потпишеме сите индивидуални колективни догововри за да може вработените да добијат повисоки плати – рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски.

Според претседателот на Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството (САДУ) Благоја Ралповски, денеска неправдата е конечно исправена.

-Денеска се случува историска придобивка за вработените во админситрацијата. Ова покачување требаше да се случи лани. Се радувам дека и колегите конечно го прифатија ова како поповолно право за вработените кои секогаш остануваат најназад со платата и имаа најмали плати во јавниот сектор. Ова е историски момент – истакна Ралповски.

Тој изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски кој, како што рече, имал разбирање за овие вработените. Ралповски упати благодарност и до министрите, особено до министерката за финансии.

-Тука нема да застанеме. Ќе продолжиме со преговори зашто Општиот колективен договор во јавниот сектор е истечен. Треба да седнеме и да почнеме преговори околу потпишување нов Општ колективен договор – потенцира Ралповски.

Премиерот Мицкоски го оцени постигнатиот договор како храбар и историски чекор, но им порача на вработените во администрацијата дека од нив очекува да обезбедат подобри услови за граѓаните и бизнисот.