Министерство за транспорт соопшти дека е отворен jавен повик за доставување барање за доделување финансиска поддршка за воведување нова/нови дестинација/и од аеродромите во земјава. Финансиската поддршка се доделува за период од 1 јануари 2025 година заклучно со 31 декември 2027 година.
Давател на финансиската поддршка е Владата која донесе Програма за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во земјава на домашни и странски превозници за периодот 2025-2027 година.
Финансиската поддршка за секоја нова дестинација е утврдена во износ од: 9 евра по патник во доаѓање во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Македонија на денот на изготвување на барањето за плаќање, за патници превезени до Меѓународниот аеродром Скопје и 12 евра по патник во доаѓање во денарска противвредност за патници превезени до аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Средствата кои се останати по првиот повик за финанасиска поддршка, кои се утврдени по години и не се пренесуваат, се во износ од: 81.613.245,00 денари (1,327,045 евра) за 2025 година, 62.144.371,00 денари ( 1,010,478 евра) за 2026 година и 63.255.968,00 денари (1,028,552 евра) за 2027 година.
– Авиопревозникот на кој ќе му биде одобрено барањето за финансиска поддршка треба секоја нова дестинација воведена од/до „Меѓународен аеродром Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, да ја опслужува најмалку два пати неделно, по однапред определен ред на летање за периодот за кој му се доделува финансиската поддршка, наведен во поднесеното барање, освен за неделата во која се паѓаат Нова година и верските празници католички и православен Божиќ – стои во повикот.