Откупот на тутунот се одвива со нормална динамика, без проблеми, а тутунарите се зафоволни од зголемената цена од 400 денари за првата класа тутун, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој денеска беше во обиколка на неколку откупни пункта од компаниите во Прилеп и во Регионот. Со оваа динамика, за брзо ќе заврши откупот, а со субвенциите во семејниот буџет на тутунарите ќе се слеат околу 140 милиона евра.
-Го споделувам задоволството на тутунарите со постигнатата цена, а тоа е 400 денари за првата класа и дополнителни 20 денари субвенција за првата класа што достигнува вкупна сума од 500 денари за килограм тутун. Согласно со податоците од земјоделскиот инспекторат, до вчера се откупени вкупно 13 милиони килограми тутун, со просечна цена од 399,88 денари и од откупениот тутун досега е исплатен околу 78 отсто. Мислам дека со ваквата динамика за многу брзо од денеска ќе го завршиме откупот на тутунот на задоволство и на компаниите и на производителите. Ова е уште еден показател дека власта, премиерот, Министерството се сериозно посветени да го вратат тутунопроизводството и по квантитет и по квалитет. И не само на тутунот, туку и на другите земјоделски култури. Нема поплаки од тутунарите, откупот се одвива со нормална динамика, без одбитоци и оној квалитет што го имаме дозволува целиот процес да се одвива без забелешки и без проблеми. Над 140 милиони евра ќе влезат во домовите на тутунопроизводителите – изјави Трипуновски.
Министерот за земјоделство најавува дека по празниците заедно со откупувачите и со Сојузот на тутунските здруженија ќе седнат да ги решат отворените прашања во Законот за тутун.
Во Законот за тутун има некои отворени прашања. Во разговор со компаниите и со тутунските здруженија се договоривме по завршувањето на оваа реколта, по празниците, да седнеме на заедничка маса, да го ставиме законот пред нас и да ги затвориме, или да ги допрецизираме сите прашања. Тоа ќе биде во интерес на двете страни – и на откупувачите и на тутунопроизводителите, за да го зголемиме тутунопроизводството, да го пласираме овој наш познат бренд надвор од државата во поголеми количества зашто во изминатиов период имаме намалување на количествата. Ова ќе значи задржување на оваа битна категорија производители кои ќе имаат сериозен прилив во семејните буџети, рече Трипуновски.
Тој најави дека идната недела ќе има пет јавни повици за распределба на слободно земјоделско земјиште.
Веќе се завршени сите официјални процедури и следната недела ќе бидат објавени јавни повици, мислам дека се вкупно пет јавни повици за распределба, од кои еден јавен повик ќе биде за легализација на подигнати долгогодишни насади. Со ова сакаме да го ставиме сето земјоделско земјиште во рацете на вистинските земјоделци за да се зголемува продуктивноста, да се обработува земјиштето и да го зголемуваме земјоделското производство во Република Македонија, изјави Трипуновски.
Одговарајќи на прашањето за незавидната состојба во водостопанските претпријатија, министерот Трипуновски смета дека состојбите во Акционерското друштво се подобруваат и со мерки и активности подготвено ќе се пречека новата сезона за наводнување.
-Изминатиот период саниравме најголем дел од работите го ставивме претпријатието во една функционална состојба. Акционерското друштво во тековниов период има распишано тендер за набавка на резервни делови, се работи на терен за санирање на мрежата за наредната сезона за наводнување да ја пречекаме подготвени. Дополнително, Владата, преку програмите што се формираат за санација и изградба на нови системи за 2025 година, се финализираа конкретните активности кои ќе ги реализираме за овој битен елемент во земјоделското производство да нема проблеми како во минатото – рече Трипуновски.
Според Сојузот на тутунските здруженија, со ова темпо откупот на тутунот ќе заврши околу празниците, иако законскиот рок е до 28 февруари. За откуп остануваат 3 до 4 милиони килограми тутун. Реколтата се проценува на околу 17 милиони килограми.