Забранет отровен пестицид е откриен во зеленчук увезен од Македонија, објави Европскиот систем за брзо предупредување за сообраќај со храна.
– Во пиперките од Северна Македонија откриени се остатоци од пестицидот форматенат. Ризикот е сериозен – се вели во соопштението.
Земја на пријава е Хрватска. Се претпоставува дека пестицидот е откриен со анализа на примероци од пиперка на хрватскиот пазар бидејќи нема информации дека пратката е вратена од граница.
Форметанат, како што анализираат тамошните медиуми, е исклучително ефикасен инсектицид што се користи во производството на овошје и зеленчук. Многу земји сè уште го користат, но во Европската Унија е забранет поради сомневање дека може да влијае на здравјето на луѓето.
Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера, преку апликацијата РАСФФ од Системот за предупредување за небезбедна храна на Европската Унија доби нотификација за небезбеден производ од категоријата овошје и зеленчук извезен од нашата земја – свежи пиперки наменети за пазарот во Хрватска, информираат од Агенцијата.
Појаснуваат дека при спроведена гранична контрола земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуум од пестициди. Добиениот резултат покажал присуство на остатоци од пестицидот форметанат и вредност што претставува сериозен ризик за здравјето на луѓето.
– Од страна на хрватските власти забранет е увоз на спорниот производ. Доколку пратката со небезбедните производи се врати во земјата, АХВ ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување, кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата – се истакнува во соопштението од АХВ.