Ова е време на големи предизвици кои бараат храбри одлуки и заедништво. Иницијативата „Отворен Балкан“ е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој – ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи. Наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот, порача премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на Самитот „Отворен Балкан“ што се одржува во Охрид.
Во услови кога цела Европа се соочува со последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза, според Ковачевски, земјите од регионот се природно поврзани една со друга и имаат заедничка цел – заедно да одат напред. Војната во Украина, како што посочи, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот, а оставањето на геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа, не е опција.
– Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме. Земјите од Западниот Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Европски е да се помагаме, а не да се кочиме и блокираме. Драгоценото време треба да го користиме поефикасно. Војната која се случува во Украина, е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. Затоа сите мораме да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние сме тие што мораме да ја пополниме таа празнина и затоа постои „Отворен Балкан“ што е наша, автохтона, органска иницијатива создадена од нашите институции, сериозно поддржана од сите народи и етникуми кои живеат во нашите држави – порача Ковачевски.
Од исклучителна важност е, рече Ковачевски, Европската Унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан веќе е и стратешко и безбедносно прашање.
– Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили. Нашата визија за Балканот во 21 век е визија за напреден регион интегриран во Европа каде мирот, стабилноста и развојот веќе никој не ги доведува во прашање. Ние дејствуваме прагматично и економски и со тоа ќе создадеме услови за големи инвестиции во нашиот регион, а тоа ќе значи повеќе работа и подобро платена работа за нашите млади. и нашите граѓани. Бараме ЕУ да го поддржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми, нагласи Ковачевски.
Премиерот се надева дека „Отворен Балкан“ ќе станува сѐ поатрактивна и дека кон неа ќе се приклучат и останатите држави од регионот. Го поздрави присуството на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, а, како што рече, останува отворена поканата и за косовскиот премиер.
На самитот во Охрид се очекува да бидат потпишани договор за соработка и меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции, како и меморандуми за разбирање за соработка во областите туризам, култура и даночна администрација во Западен Балкан. бак/са/
.