Паѓа куповната моќ на населението низ Европа
Животниот стандард на граѓаните на европските држави сѐ повеќе опаѓа, и тоа не само во помалку развиените европски земји туку и во земји што традиционално важат за поразвиени и кои имаат постабилни економии. Според соговорници од Европа, економисти и аналитичари, овој процес бил неминовен, поради големиот број кризи што се редеа едноподруго. Уште појавата на ковид-19 и разните рестриктивни мерки што беа насочени кон зачувување на животите, односно за сузбивање на пандемијата, а потоа и избувнувањето воени конфликти низ светот, намалената економска активност, но и несоодветните политики на Брисел (ЕУ), за упатените беа причина за загриженоста. Многубројни беа укажувањата на економистите дека ваквите мерки ќе се одразат и врз животниот стандард на граѓаните, а потврда за падот на стандардот кој граѓаните веќе пристигна и од европскиот статистички центар.
– Во првиот квартал од 2025 година реалната потрошувачка на домаќинствата по жител се намали за 0,2 отсто во еврозоната, по зголемување од 0,4 проценти во претходниот квартал. Во истиот период реалниот приход на домаќинствата по жител се намали за 0,1 отсто, по зголемување од 0,2 отсто во четвртиот квартал од 2024 година. Во ЕУ реалната потрошувачка на домаќинствата по жител се намали за 0,3 проценти во првиот квартал од 2025 година, по зголемување од 0,4 отсто во претходниот квартал. Во исто време, реалниот приход на домаќинствата по жител се намали за 0,2 проценти, по зголемување од 0,3 отсто во четвртиот квартал од 2024 година – соопшти европскиот статистички центар „Евростат“.
Намалувањето на потрошувачката на домаќинствата е директен показател за намалена куповна моќ, што секако се должи на растот на цените на производите.
Последователните кризи – кумулативен удар за економијата
Економистите се согласни дека големиот број кризи што се „лепеа“ една на друга неминовно со одразија врз животниот стандард на населението, и тоа насекаде, па како последица на ефектот на „сврзани садови“, тоа се одрази и во нашата земја.
– Гледано глобално, ефектите врз куповната моќ се очекуван одраз на неколку последователни шокови – пандемијата, војната во Украина, растот на цените на енергентите и храната, како и нарушените синџири на снабдување. Иако инфлацијата се смирува, ефектите врз реалните плати и животниот стандард сè уште се чувствуваат. Во следниот период глобалните геополитички тензии, како и неизвесноста околу трговијата, создаваат ризици за нови шокови. Сепак, ако не дојде до нови ескалации, се очекува постепено закрепнување на економиите и на куповната моќ во следниот период – објаснува Благица Петрески, извршна директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Петрески за „Нова Македонија“ објаснува дека и покрај овие кризи, куповната моќ на Македонците се зголемуваше, со исклучок на неколку месеци.
– Во Македонија, интересно е што куповната моќ на населението се зголемуваше; со исклучок на неколку месеци од 2022 година, платите растеа над растот на цените, што значи дека имавме позитивен раст на реалните плати. Разбирам дека перцепцијата на граѓаните може да е поинаква, меѓутоа ние во „Фајненс тинк“ ги следиме бројките, официјалната статистика и наодите од нашите истражувања. Овој раст кај реалните плати доминантно е движен од кусоците од квалификувана работна сила, кои на нашиот пазар на трудот се присутни веќе некое време и тие се рефлексија на т.н. тензија на пазарот на трудот, која ги турка платите нагоре, и може да се каже дека тоа е здрав притисок. Да напоменам дека пораснаа и други компоненти од доходот, како на пример пензиите, кои лани и годинава имаа голем раст од 5.000 денари поединечно, што сметано на просечната пензија е околу 20-25 отсто и е значајно над растот на цените – објаснува Петрески.
Внимателно и антиципативно во планирањето и спроведувањето на економските политики во следниот период
Таа укажува дека е значајно да се следат тековните случувања и да се преземаат мерки што ќе бидат во насока на заштита на стандардот на населението.
– Во следниот период носителите на политиките е важно да следат и да разграничат две тенденции. Првата е раст на доходите што не е проследен со создавање нова вредност во економијата, а особено раст што е поврзан со јавната потрошувачка. Овој тип на раст има јасен инфлаторен ефект, бидејќи зголемува побарувачка без да ја зголеми понудата. Вториот раст на доходите е оној што произлегува од констелацијата во економијата, растот на додадената вредност и состојбата на пазарот на трудот. Тој може да ја притиска инфлацијата преку зголемената побарувачка, но крие помалку опасности отколку првиот и не ја загрозува одржливоста на економијата – објаснува Петрески. Е.Р.