Фото: Маја Јаневска Илиева

Министерството за животна средина и просторно планирање ги разгледа сите документи во согласност со тендерското досие, документацијата и постојните закони во државата и за тој процес ќе подготви информација со која ќе ја извести Владата дека ќе достави одлука за поништување на постапката

Засега нема одговор од грчката компанија „Архиродон“ која е причината што
се откажала од проектот „Чебрен“

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова изјави дека во Министерството е во тек подготовка на информацијата со која треба да ја известат Владата за одлуката за поништување и затворање на тендерската постапка за изградба на хидроцентралата „Чебрен“. Ваквиот исход следуваше откако грчката компанија „Архиродон“, која беше единствен понудувач и првично го доби тендерот за изградба на капиталниот проект, не стави потпис на договорот во предвидениот временски рок.
Информацијата на Министерството, како што најави ресорната министерка, треба да се најде на дневен ред на наредната седница на Владата.
– До денеска наутро сè уште немаше ништо од грчката компанија, а подготвуваме веќе информација до Владата и подготвуваме одлука заедно со правниците и со консултантите. На наредната седница на Владата оваа информација ќе оди за поништување, значи за одлука за поништување и за затворање на процесот за „Чебрен“ – рече Шукова во одговорот на новинарско прашање по панел-дискусија во Скопје во рамките на кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“.
Инаку, министерката на прес-конференција на 3 јануари годинава информира дека тендерот за изградба на „Чебрен“ – 14-ти по ред, пропадна, затоа што заклучно со 31 декември 2023 година не пристигнало продолжување на банкарската гаранција од страна на избраниот понудувач на тендерот, односно грчката фирма „Архиродон“. Шукова тогаш рече дека откако во Министерството ги разгледале сите документи во согласност со тендерското досие, документацијата и постојните закони во државата, сега за овој процес ќе подготви информација и ќе ја извести Владата дека ќе достави одлука за поништување на постапката.
„ППЦ-Архиродон“ на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14-от тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот. Првично одлуката требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 31 декември 2023 година поради жалбената постапка што беше во тек. Е.Р.