Со онлајн објава до пониски цени на продуктите
Примената на одредбата да се објавуваат цените на продуктите и на интернет почна. Секој маркет, аптеките и продавниците за мебел и бела техника мора да имаат објавено ажурирани цени на веб-страниците, а доколку не ја почитуваат одлуката, ќе се соочат со санкции.
Новината се воведува откако имаше голем број поплаки од граѓаните за рециклирање на појавата кај некои трговци и трговски синџири за раст на цените на продуктите, при што тоа најпрвин резултираше со институционален одговор, па со формирање разни кошници за да се постигне одреден задоволувачки финансиски ефект за граѓаните. На крајот на оваа низа, надлежните реагираа и со нова одредба за утврдување највисока маржа за трговците и продавачите.
Во наредните денови, анкета за тоа колку објавата на цените на веб-страниците на продавниците ќе придонесе за намалување на цените
Засега, само го отвораме прашањето: колку објавата на цените на веб-страниците на продавниците ќе придонесе за намалување на цените, но и за полесно пазарење на граѓаните.
Граѓаните се со поделени мислења, дел се скептични, а дел велат дека конкуренцијата ќе си го направи своето.
За повозрасните жители на главниот град, оваа новина не е воодушевувачка, но сепак велат дека можеби ќе има ефект.
– Јас не сум во можност на интернет да следам цени, па уште помалку да го правам тоа секој ден. Можеби ќе придонесе да се намалат цените, ќе видиме. Не дека не следам акции, напротив, сите каталози ги собирам, точно знам кој производ каде е на акција секоја недела и правам планови за пазарење во согласност со тие акции. Сепак, на дневна основа не можам да проверувам, ниту пак, преку компјутер, тоа е за мене веќе е доцна – вели пензионерка од Скопје.
Помладите жителите на главниот град велат дека се нема време за секојдневни проверки, бидејќи работните и домашните обврски не оставаат доволно слободен простор за такви проверки.
– Пазарењето го правиме најчесто еднаш неделно и тогаш гледам да купам сѐ бидејќи не можам да постигнам почесто да пазарам. И вака е тешко бидејќи овошјето и зеленчукот треба почесто да се купуваат за да бидат свежи, но поради обврските со децата и работата не останува доволно време – вели четириесетгодишната Марјана.
Таа додава дека и прашање е колку оваа одлука ќе успее да се реализира во согласност со одредбите, бидејќи, како што истакнува, „цените во самите маркети не се синхронизирани, се случува една цена да имаат на пултот, а друга на каса“.
Бенефит за граѓаните
Сепак, здруженијата за заштита на потрошувачите полагаат голема надеж во онлајн објавувањето на цените.
– Потрошувачите и досега одеа од маркет до маркет за да видат каде има пониски цени за таму да пазарат. Со објавување на цените на интернет ќе им заштедат време на потрошувачите, нема да мора да одат од еден до друг маркет да проверуваат цени, па да се вратат во маркетот каде што е најевтино за да купат. Сега можат да проверат на интернет, па ќе одат да купат таму каде што е најевтино. Но проблематично е како ќе функционира тоа во средини каде што нема интернет, нема големи синџири на маркети или како ќе се информираат потрошувачите што немаат пристап до интернет – велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Бизнисмените, пак, сметаат дека конкуренцијата ќе наметне пониски цени. Поради обврската јавно да се објавуваат цените, ќе има поголема транспарентност и тоа ќе води кон поголема конкуренција меѓу маркетите и простор за намалување на цените.
– Мерката ќе ги намали цените бидејќи граѓаните ќе бидат подобро информирани. Се зголемува следливоста на цените, па граѓаните ќе можат секојдневно да знаат кој производ каде и по која цена се продава, а според тоа ќе одлучат и каде ќе купат. Тоа ќе ја поттикне конкуренцијата меѓу маркетите и ќе ги намали цените – вели бизнисмен упатен во трговијата.
Сепак, и тој укажува дека прашање е дали сите маркети ќе можат и ќе успеат да ги внесуваат новите цени секој ден.
– Има маркети што се помали, мислам дека дел се изземени од обврската, но сепак, не сите имаат доволно вработени во продавниците, а за ова ќе треба посебен човек, кој само ќе внесува нови цени. Не сум сигурен дека маркетите ќе успеат да ги ажурираат цените секој ден, да се надеваме дека добро ќе се организираат – вели нашиот соговорник.
Контрола над спроведувањето на законската обврска ќе има Државниот пазарен инспекторат, а на маркетите и другите засегнати продавници им е оставен рок за имплементирање до 18 април, но ќе се толерираат до 1 мај, поради самите технички предизвици на мерката.
Слична мерка имаше голем ефект во Италија и Израел
Ваква регулатива веќе постои во Италија и Израел, а сега и Македонија прави чекор во таа насока – со цел да го заштити домашниот купувач од неконтролирани цени и неинформиран избор.
Како што пишуваат медиумите во Хрватска, пренесувајќи го ставот на експертот за статистика Марко Криштоф, тоа решение е потенцијално ефикасно за проблемот со поскапувањата.
– Израелскиот закон за транспарентност на цените е успешно копиран во Италија. Законот е многу едноставен и бара од супермаркетите да ги објавуваат цените на сите производи на нивните веб-страници, а не да ги ограничуваат ботови за индексирање на веб. Ова доведе до создавање неколку услуги за споредба на цените и им овозможи на потрошувачите лесно да одредат каде може да се најде најевтино одреден производ – појаснува Криштоф.
Тој додава дека со оваа мерка драстично се намалиле регионалните разлики во цените бидејќи супермаркетите морале да имаат исти цени во сите свои продавници. Криштоф нагласува дека најважниот аспект од спроведувањето на израелските одредби се транспарентноста и достапноста на цените за сите производи.
Израелскиот Закон за храна беше донесен во 2014 година, по големите немири предизвикани од цената на основните продукти. Законот вклучуваше обврска за сите супермаркети да ги објавуваат и да ги ажурираат цените на сите артикли онлајн.
Од мај 2015 година, кога стапи во сила законот, израелските потрошувачи можат да користат голем број бесплатни платформи за споредба на цените, што им го олеснува планирањето на трошоците.
Истражувањето на израелските економисти Орен Ригби и Итаи Атер, објавено во 2018 година на веб-страницата на Центарот за истражување на економската политика (ЦЕРР), покажа значително влијание на овој закон, при што домаќинствата успеваат да заштедат околу 27 долари месечно. Е.Р.
Кус пресек на корисни информации за граѓаните за новините во Законот за заштита на потрошувачите
- Законот утврдува дека на веб-страниците на продавниците секој производ треба да биде објавен со име на производот, редовна продажна цена со вклучен ДДВ, цена по единица мерка, опис на производот и моментална достапност, цена со попуст, времетраење на попустот или акцијата.
- Овие информации мора да се ажурираат секој работен ден, за секој продажен објект посебно. Во случај на техничка грешка, трговецот е должен да ја коригира во рок од 24 часа.
- Обврската се однесува на сите трговци со повеќе продажни места и широк асортиман производи. Микротрговците и трговците поединци се ослободени од оваа обврска. Трговците имаат рок од 45 дена да го приспособат своето работење, односно до 18 април 2025 година. Подзаконскиот акт што го регулира ова, беше објавен десет дена по влегувањето во сила на Законот за заштита на потрошувачите – на 14 март.
- И казните за непочитување на мерките се доста високи. Доколку маркетите не ја почитуваат ваквата одлука, ќе се соочат со парични казни од 500 до 10 илјади евра, а во зависност од големината на маркетите, воведена е и поригорозна мерка затворање на маркетот од 15 дена.
Во меѓувреме, десетина ИТ-компании веќе понудиле решенија за веб-платформи, преку кои потрошувачите ќе можат во реално време да ги следат цените на производите, како и промените на истите тие. Изработката на ваков систем чини од 30.000 до еден милион денари – во зависност од големината на трговецот – а одржувањето може да изнесува и неколку стотици илјади денари месечно.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, неодамна објасни дека измените на Законот за заштита на потрошувачите обезбедуваат транспарентност на цените, бидејќи малите, големите и средните пазари ќе мора да ги објавуваат цените на нивните веб-страници.
– Тоа ќе им даде можност на клиентите да одлучат каде ќе купуваат – рече Ристески, додавајќи дека станува збор за „израелски модел на контрола на цената на производите“. Е.Р.