Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува во првиот квартал од оваа година стапката на растот на Бруто домашниот производ (БДП) да биде меѓу три и четири проценти.
-Јас тоа го кажувам во изминатиот период и очекувам конечно во првиот квартал од оваа година да покаже едно консилидирање, да бидеме во првите пет-шест би рекол економии во Европа. Во првиот квартал според процентот од Бруто домашниот производ(БДП) на раст, да речеме би се задражал на онаа бројка, која порано ја имам комуницирано помеѓу три и четири проценти. Но, да видиме деновиве. Претпоставувам дека деновиве ќе се објави таа бројка – изјави Мицкоски.
Директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков на денешниот настан на одбележување на 80 години од постоењето на оваа институција потврди дека податоците за растот на БДП ќе ги објават утре во 12 часот.
-Податокот за Бруто домашниот производ ќе го објавиме утре, точно во 12 часот. Така што целата јавност ќе може да ги анализира податоците. Знаете дека ние стриктно ги почитуваме нашите статистички стандарди, податоците ги објавуваме преку календарот на објавување, точно во 12 часот, што значи сите корисници да имаат едновремен пристап до податоците – вели Станков.
Според податоците на Државниот завод за статистика објавени на 4 март 2025 година во четвтото тримесчје од 2024 година стапката на растот на БДП е 3,2 отсто.