Фото: Пиксабеј

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) објави мерка која директно го таргетира најчувствителниот сегмент од населението – ранливите потрошувачи на енергија. Со јавен оглас што стапи во сила, Министерството започнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима уреди за 2025 година.

-Мерката се реализира согласно Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година („Службен весник на РСМ“ бр. 161/25). Согласно јавниот оглас за поддршка на домаќинства кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата кои ги исполнуваат условите ќе се стекнат со право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 киловати и енергетска класа од најмалку А+ – информираат од МЕРМС.

Овие уреди, како што се вели во соопштението, не само што штедат електрична енергија, туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму таму каде што е најпотребно.

Рокот за аплицирање е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.

Повеќе информации како и потребните обрасци за аплицирање се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk .

За борбата против енергетската сиромаштија МЕРМС издвојува 170 милиони денари.