Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави јавен оглас за пријавување интерес од правни субјекти кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди, со што започнува практичната реализација на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.
Целта на повикот е обезбедување директна поддршка за домаќинствата што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи, преку доделување ваучери за набавка и вградување високоефикасни инвертер клима уреди.
Според програмата, секое домаќинство што ќе добие ваучер ќе може да набави и инсталира инвертер клима уред во вредност до 28.000 денари со вклучен ДДВ, кај компании кои ќе склучат договор со Министерството по спроведување на огласот.
Право на учество имаат сите правни субјекти регистрирани во Централниот регистар кои вршат трговија со ваков тип уреди. Избраните компании ќе имаат обврска да понудат уреди со најмалку енергетска класа А+, да обезбедат монтажа на адресата на корисникот и гаранција од најмалку две години, без дополнителни трошоци за граѓаните.
Од Министерството ги повикуваат сите заинтересирани компании активно да се вклучат во реализацијата на мерката, која има за цел намалување на енергетската сиромаштија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата.
Јавниот оглас, условите и потребната документација се достапни на веб-страницата на Министерството. По завршување на постапката и објавување на листата на избрани компании, ќе бидат објавени и списоците на корисници што ќе добијат право на субвенција, по што ќе започне процесот на доделување ваучери и инсталација на уредите.































