Фото: Архива „Нова Македонија“

Расте бројот на производи и учесници во акцијата во корист на граѓаните. Во акцијата досега се приклучени над 90 производители и дистрибутери на производи, а производите од завчера се достапни за граѓаните во 38 синџири на маркети, информира министерот за економија и труд Бесар Дурмиши

Цените од владината мерка „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ ги мониторираат синдикатите, Организацијата на потрошувачи и граѓаните

Бројот на производи во „новогодишната кошница“ континуирано расте и заклучно со денешниот ден достигна 1.036, со што листата не е затворена. Во акцијата досега се приклучени над 90 производители и дистрибутери на производи, а производите од завчера се достапни за граѓаните во 38 синџири на маркети, информира министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на вчерашната прес-конференција.
– „Новогодишната кошница“ започна и, како што најавивме, ќе трае до 15 јануари 2025 година. Оваа мерка е акциско намалување на цените на одделни прехранбени производи, алкохолни и безалкохолни пијалаци. Направена е по иницијатива на бизнис-секторот и не произлегува од Владата. Тие понудија производи по пониски цени за граѓаните од најмалку 10 проценти. Преку оваа мерка директно помагаме за подобрување на животниот стандард на граѓаните, новогодишните празници да ги поминат во пристојни услови – рече министерот Дурмиши.
Мониторингот на цените од спроведената мерка се врши во согласност со Законот за заштита на потрошувачи и Законот за трговија, односно се гледаат цените на производите што се во „новогодишната кошница“ и најниските цени на тие производи што биле во последните 30 дена. На рафтовите треба да бидат истакнати новата намалена цена и старата цена. Сите производи што се опфатени со акцијата се обележани на рафтовите на маркетите со ознаката „Се грижиме! Помалку трошоци, повеќе за тебе“.
– Се надевам дека во наредниот период бројот на производи на листата ќе се зголемува и сите заеднички ќе им излеземе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните празници и сите заедно ќе бидеме општествено одговорни кон граѓаните. Апелирам до компаниите доследно да ја почитуваат акцијата што самите ја креираа, а доколку граѓаните имаат забелешки, да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат на бесплатниот телефонски број 191 или на веб-страницата www.dpi.gov.mk – потенцира Дурмиши.
Во листата на новогодишната потрошувачка кошничка спаѓаат леб и житарки, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) пијалаци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго. Овие производи опфатени со мерката ќе се продаваат на повеќе од 300 пункта во сите градови во земјава.
Сите информации за акцијата, листата на производи и компаниите што се дел од „новогодишната кошница“, односно производители, дистрибутери, маркети се објавуваат на интернет-страницата www.mojakosnica.mk. Листата на производи не е затворена и сите заинтересирани можат да се пријават со свои производи на http://[email protected]. Е.Р.


Отстранети забележаните пропусти и недоследности

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, посочи дека формалноправно имаат механизам да ги проверат цените и пред 15 ноември, за уште плус еден месец, но можат за „новогодишната кочница“ да контролираат само за најниската цена на производите до 15 ноември. Во текот на вчерашниот ден, како што посочи Стојкоски, Државниот пазарен инспекторат забележал ситни пропусти, како нејасно обележување на производите, паднат флаер поради што не се гледаат старата цена и новата цена со намалување од минимум 10 проценти, и додаде дека има информација дека во текот на денешниот ден се отстранети. Е.Р.


Марјан Ристески: Сите кошнички донесоа заштеди, се очекува уште поголема заштеда со „новогодишната кошничка“

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески истакна дека по првпат во мониторингот на цените се вклучени и синдикатите, Организацијата на потрошувачи и граѓаните. Ако мерката се покаже дека е добра, како што потенцира, овој принцип и формула ќе се употребуваат и понатаму.
– Ако се покаже дека има одредени недоследности и се прават одредени изигрувања, тогаш ништо не ја спречува Владата да продуцира нови поригорозни мерки. Сметам дека бизнис-секторот нема да дозволи да дојде до тоа бидејќи идејата за мерката беше нивна. Ако е успешна, мерката ќе ја спроведуваме и понатаму, ако не, ќе се вратиме на мерките со кои ќе има ограничување на цените за заштита на граѓаните – рече Ристески.
Тој нагласи дека со мерката „училишна кошничка“ имаше заштеди од околу 2.000 денари по ученик, со „есенската кошничка“ со која беа опфатени околу 530 производи имаше заштеди од 1.200 до 1.500 денари, а се очекува многу поголема заштеда од „новогодишната кошница“, со која досега се опфатени 1.036 производи. Е.Р.


Премиерот Мицкоски очекува „новогодишната кошничка“ да го заштити семејниот буџет

Премиерот Христијан Мицкоски очекува со најавеното намалување на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“ да се заштити семејниот буџет и да има побогата празнична трпеза.
Премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во пресрет на почнувањето на акцијата, истакна дека Државниот пазарен инспекторат ќе ја следи работата на маркетите.
– На мое големо задоволство компаниите, трговците, производителите, дистрибутерите ја зголемуваат бројката на производи. Очекувам семејниот буџет да биде заштитен со намалување на цените на овие производи. Очекувам позитивни ефекти и очекувам за празниците потрошувачката кошничка да биде што побогата – изјави премиерот Мицкоски во пресрет на акцијата. Е.Р.