Законот за енергетика што минатата недела го усвои македонското Собрание носи многу придобивки за граѓаните и за државата во целина, изјави во интервју за МИА министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на крајот на нејзината работна посета на Брисел.
– Со Законот за нас како држава е важно дека се транспонира четвртиот пакет за електрична енергија, се воведуваат батериите, како и е-мобилноста, односно прв пат се дефинираат електричните автомобили. Новитет е и енергетската сиромаштија. Значи имаме методологија за пресметување на енергетската сиромаштија. Веќе имаме координативна група со ЕВН и со Министерството за социјални политики и сакаме да ги детектираме сите оние коишто се енергетски сиромашни и за прв пат за нив воведуваме и финансиски и нефинансиски мерки – истакна Божиновска.
Таа нагласи дека меѓу нефинансиски мерки се забраната за исклучување на струја на енергетски сиромашните граѓани во зимскиот период поради неплатени сметки, додека финансиските ќе опфаќаат субвенции, за што во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини веќе има две програми за доделување на средства, а ќе се подготват и други.
– Законот е на 300 страници. Тоа е обемен закон и има многу придобивки од него. Ќе има и план за инвестиции за тоа што точно ќе се работи во следната година. Значи нема да може на кој како ќе му текне кога и што сака да прави. Ќе си има редослед, ќе се има датуми, да се пријават сите инвестиции, да ги видиме, да ги разгледаме документите и да видиме што ќе одобриме- нагласи министерката.
Според Божиновска, новитет со Законот е и тоа што сите нови електрани на обновливи извори ќе мора да имаат 20 отсто батерија за складирање енергија, односно секоја централа од 10 мегавати ќе мора да има два мегавати батерија.
Исто така, со Законот, како што потенцира Божиновска, се дава можност за формирање на граѓански енергетски заедници, со што станарите во една зграда ќе може да се здружат и заеднички да реализираат енергетски проекти, како на пример поставување на сончеви панели и со тоа да ја оптимизираат електричната енергија.
Министерката најави и дека ЕСМ има изработено план за инвестиции за нова фаза од ветерниот парк во Богданци, кој ќе има сигурно 13 мегавати, а се зборува и за плус 16, како и за нов ветерен парк кај Миравци. Меѓу плановите на ЕСМ е и изградба на соларен парк, како и когенеративна централа во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, бидејќи, како што рече Божиновска, во тој дел на Скопје има многу загадување и ова би било добро решение.
– Формирана е и работна група за реализација на нашиот најголем проект „Чебрен“. Имаме и многу други проекти. Размислуваме за гасификација, односно имаме заинтересирани за две когенеративни централи во Скопје и потенцијална локација во Битола. Што значи имаме наши македонски проекти, наши значи зборувам за државата, а секако тука има и приватни инвеститори кои ќе си инвестираат – потенцира министерката.
Во врска со испадот на 110 киловолтната мрежа на МЕПСО во неделата, Божиновска истакна дека вакви проблеми се случуваат ширум Европа, имало такви случаи и во Унгарија, минатата година во Хрватска, Црна Гора и во Албанија, а неодамна и во Шпанија и Португалија.
– МЕПСО тоа го реши за час и половина. Тоа се случи во момент кога нема потрошувачка и кога напоните се високи. Тоа е еден сериозен технички проблем – истакна Божиновска.
Таа посочи дека причините за испадот засега не се познати, впрочем како и за случајот во Шпанија и Португалија, и дека се чека на најпрецизни технички податоци зошто дошло до него.
– Ова е регионален предизвик со кој се соочуваат сите. Ќе го добиеме наскоро извештајот и во комуникација сме со сите систем оператори и со Европа, така што ќе видиме што можеме понатаму да направиме- додаде министерката.
Во однос на некои оценки дека причина за испадот можеби се големиот број фотоволтаични и ветерни електрани приклучени на мрежата во услови на намалена потрошувачка за време на викенд, Божиновска истакна дека преносната мрежа кај нас е уште од времето на поранешна Југославија и во неа немало никакви инвестиции, ниту бил набавен потребниот трансформатор, а дополнително во последните седум години не се направени ни некои технички работи, што се заедно доведува до вакви последици.
– Од друга страна имаме енормно зголемен број на електрани на обновливи извори и тоа околу 1.000 мегавати. Значи не се водело грижа како и на кого се даваат дозволи. Се уште имаме прелиминарни решенијата за приклучок на 9.000 мегавати. Сето тоа доведе до оваа ситуација во која што сме денес- потенцира Божиновска.
Таа додаде дека се формирани технички групи кои работат на решавање на оваа проблематика, но, како што нагласи, тоа е нешто што не може да се реши преку ноќ.
На прашање дали можеби батериските системи за складирање електрична енергија се решение за избегнување на вакви испади во иднина, Божиновска нагласи дека и со новиот Закон за енергетика се овозможува складирање на електричната енергија, со што во мрежата нема да биде пуштена толку многу енергија во исто време.
– Тоа е едно од решенијата за сите држави, особено кога немаме многу потрошувачка на енергија, како во ноќните часови- потенцира Божиновска.
Во однос на планот на Европската комисија за постепено исфрлање од употреба на руските енергенси, пред се природен гас и нафта, Божиновска посочи дека во земјава и не се употребува премногу гас.
– Бев во Азербејџан и се договоривме со министерот за енергетика да склучиме договор за втора алтернативна рута преку Грција, која би требало да е алтернатива за рускиот гас. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Рокот за изградба е 22 месеци. Грците веќе се во понапредна фаза од тој дел, меѓутоа работиме на тоа- рече Божиновска.
It is good to hear that the European Union remains optimistic regarding the Western Balkan countries, Minister of Energy, Mining and Mineral Resources Sanja Bozhinovska stated during her spee
Кога станува збор за целите на енергетската традиција на ЕУ и исфрлањето од употребата на јагленот од термоцентралите до 2030 година, Божиновска истакна дека земјава е за користење на обновливи извори на енергија и за праведна транзиција и сака да најде начини да го замени јагленот. Сепак, според неа, дневната енергија не може да биде целосно заменета со производство од електраните на обновливи извори, туку ќе мора да се најде алтернатива, како хидро енергија или гас.
– Сме за тоа, работиме на тоа, меѓутоа тоа не може да се случи преку ноќ. Тоа е процес. И во Полска и во Чешка се уште користат термоелектрани на јаглен. Свесни сме за тоа, меѓутоа не може да кажеме дека сето тоа ќе се заврши за една-две години. Исто така, имаме и вработени во рударскиот сектор и сакаме тоа да биде праведна транзиција- додаде Божиновска.
Божиновска посочи дека, конкретно за РЕК „Битола“ станува збор за стари енергетски капацитети направени во 1984 година и во последните седум години не се водело доволно грижа за нив и не биле правени ремонти, што значи дека и да сакаме не може уште многу да ги користиме.
Божиновска вчера учествуваше на Вториот Форум за интеграција на пазарот на електрична енергија (ЕМИФ), што се одржа во Европскиот парламент во Брисел, каде имаше обраќање на панелот „Проширување на единствениот европски пазар на електрична енергија во 2026 година?“.
Таа посочи дека во обраќањето наведе што земјава има сработено за овие за 10 месеци од формирањето на новата Влада, а особено како многу важно го нагласи усвојувањето на Законот за чиста енергија, кој ги транспонираше сите ЕУ директиви.
– Тоа е предуслов нашиот МЕМО, значи нашата берза, да биде номиниран како Национален оператор на пазарот на електрична енергија (НЕМО)- рече Божиновска.
Министерката потсети и дека имаме потпишано Меморандум за спојување со пазарите на електрична енергија со Албанија, Косово и Грција, посочувајќи дека за 18 месеци ќе имаме спојување на македонскиот и грчкиот електро-енергетски пазар.
– Со тоа ќе бидеме поврзани со една земја членка на ЕУ- истакна Божиновска.
Таа се осврна и на нејзината средба во Брисел директорот на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ДГ ЕНЕСТ), Герт Јан Копман, кој, како што рече, бил пријатно изненаден за сето она што го имаме сработено за овој краток период.
– Многу беше задоволен што конечно тендерот за интерконекторот со Грција е финализиран и е потпишан договорот. Исто така, дискутиравме и за тендерот што го објавивме за поврзување со Албанија, бидејќи тоа значи дека пазарите ќе се интегрирани и ќе бидеме поврзани со сите соседи, односно ќе имаме линија за поврзување. Албанија веќе е поврзана со Италија што значи тоа за нас ќе биде можност да ја пласираме нашата енергија што ќе биде произведена- изјави Божиновска во интервјуто за МИА.