Поголемото отворање на европските фондови на Европската Унија за развој на македонското земјоделство би се случило со евентуално зачленување на Македонија во Европската Унија! Ова е еден од главните „адути“ во политичката порака на поддржувачите за продолжување на процесот на преговори со ЕУ, по минатонеделниот неуспешен обид да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот
Поголема финансиска помош од ЕУ преку европските фондови ќе биде достапна
доколку исчекориме кон Унијата по француско-бугарската патека
Доколку влеземе во процедура на уставни измени, лобисти за промена на Уставот уверуваат дека ќе има поголема можност за отворање на европските фондови (земјоделски фондови на ЕУ) за развој на македонското земјоделство!
Според тезата на европоддржувачите со аргументи од земјоделството, „нашите земјоделци имаат 150 милиони евра годишен буџет за субвенции“, додека хрватските и словенечките земјоделци до 2027 година ќе имаат на располагање шест милијарди евра поддршка за нивното производство. Втората причина е тоа што земјоделскиот дел од домашниот буџет е многу помал од оној на Европската Унија, во кој 40 отсто е наменет за остварување единствена заедничка политика со земјоделскиот сектор. Но со сегашното искуство во искористување на европските фондови во областа на земјоделството не даваат преголем оптимизам дека македонските земјоделци ќе можат да „откинат“ поголем дел од финансискиот европски колач.
Земјоделците постојано се жалат на строгите услови за стекнување на правото да се користат средствата од ЕУ. Знаеме дека од првиот ИПАРД беа вратени 60 милиони евра неискористени средства, поради недоволниот институционален и производствен капацитет во земјата. Овој месец беше објавен последниот повик за искористување на средствата од ИПАРД 2 во вредност од 8,8 милиони евра наменети за развој на земјоделството и руралните средини. Од Министерството за земјоделство го најавија и објавувањето на повикот до крајот на август за аплицирање за средства од програмата ИПАРД 3. Во согласност со проекциите, ИПАРД 3 ќе биде за 62 отсто финансиски „потешка“ од ИПАРД 2. Во ИПАРД 3 имаме на располагање 97 милиони евра од ЕУ, а со делот на кофинансирање вкупната сума наменета за земјоделскиот развој ќе достигне 120 милиони евра.
Недоволната искористеност на средствата на ЕУ наменети за реализирање на земјоделските проекти се должи на престрогите критериуми, кои се речиси недостапни за индивидуалните земјоделски производители, кои со своето производство учествуваат со голем дел во снабдувањето на потребите за храна на македонското население.
– Пред еден месец на разговорот со евроамбасадорот Дејвид Гир посочивме дека нашите земјоделци не можат да аплицираат за средствата од европските фондови. Критериумите што се поставени се однесуваат за големи земјоделски стопанства. На пример, еден од условите е земјоделецот да учествува целосно со сопствена инвестиција, а потоа дел од тие средства да им бидат рефундирани. Но нашите земјоделци се финансиски исцрпени и ретко кој може во еден момент да инвестира десет илјади евра во обновување на своето производство. Слично е и околу процедурата за добивање средства преку Националната програма за рурален развој. Дали тоа се истите критериуми од ЕУ или се поставени од нашето министерство не ми е јасно. Но речиси деведесет отсто од земјоделците не ќе можат да ги искористат средствата за субвенции ако останат истите правила. Ние како земјоделско здружение доставивме неколку барања до Министерството за земјоделство, па ќе видиме што ќе ни одговорат – ни изјави Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа.
Вториот аспект во земјоделската економска соработка меѓу Македонија и Европската Унија се однесува и на тоа колку македонските земјоделски субјекти можат да учествуваат со своите производи на единствениот европски пазар. Слободниот пристап или извозот на ЕУ-пазарите е условен со многу бирократски бариери, кои се однесуваат на добивање разни видови документи и сертификати. Додека регионалните и европските пазари се тешко достапни за македонските земјоделски производи, странските компании можат да извезуваат полесно на македонскиот пазар.
– Во изминатиот период само од Албанија се увезени 20 илјади тони разни видови зеленчук и овошје, што ни дава за право за констатираме дека станува збор за полесен влез на стока, а најчесто тоа е од реекспорт од други европски земји. Сега ни се даваат исти ветувања како и за другите фондови, а гледате во каква состојба се доведе македонското земјоделско производство, кое станува сѐ поскапо и за македонските потрошувачи. Ние и без европските милијарди порано имавме одлично земјоделство, со квалитетни производи што се извезуваа и беа барани секаде во Европа. Сега немаме ништо, увезуваме производи од соседството, го запустевме земјоделството. Ние треба да произведуваме со наши автохтони семиња и да произведуваме наши производи. Зашто земјата и народот без сопствено производство на храна се изложени на целосно уништување – велат земјоделците.
Четири мерки во земјоделството што се финансираат со европски пари ќе добијат повеќе средства во наредниот период преку програмата ИПАРД 3. Тоа се: поддршка на инвестиции во модерни земјоделски стопанства, во преработувачки капацитети, диверзификација на фарми и развој на мали бизниси, како и за техничка поддршка. Преку ИПАРД 3 ќе се понудат и мерки за развој на руралните општини и подрачја преку која ќе им се помогне на самите општини во нивната урбанизација и модернизација, преку инвестиции во патна инфраструктура, водоводи, канализација, партерно уредување велосипедски и пешачки патеки. На располагање се 17 милиони евра. Покриеноста на овие проекти е 100 отсто, нема кофинансирање од општините.М.Ј.