Управата за јавни приходи ги информира даночните обврзници и вршителите на сметководствена дејност дека генерирала нов јавен клуч што важи од денеска и треба да се користи за криптирање на МПИН пресметките изготвени преку Клиентскиот софтвер.
-Даночните обврзници кои имаат активен код за идентификација треба задолжително да го преземат новиот јавен клуч на Управата за јавни приходи (фајл PIOMJaven.cer), од веб – страницата на УЈП (линк http://ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/257). Напомeнуваме дека новиот јавен клуч треба да се ископира на работната машина на која е инсталиран Клиентскиот софтвер за подготовка на МПИН пресметки, на патека C:\MPPP-Prijavi\kod – соопштија од УЈП.
Оттаму додаваат дека новите даночни обврзници на кои по прв пат им се генерира код за идентификација треба да го инсталираат заедно со новиот клуч на УЈП, кои ќе ги добијат на USB (доколку барањето за код го имаат доставено во хартиена форма до шалтерите на УЈП), односно ќе ги преземат преку системот е-Даночни услуги (доколку барањето за нов код за идентификација го доставиле во електронска форма).
-Истово важи и за постоечките даночни обврзници кои го менуваат кодот за идентификација. Сите даночни обврзници кои сѐ уште немаат поднесено МПИН пресметка за мај 2025, како и оние кои во текот на вчерашниот ден добија порака дека МПИН пресметката нема да им биде обработена, по преземањето на новиот јавен клуч, да изготват МПИН пресметка и да ја поднесат до Управата за јавни приходи – се вели во соопштението од УЈП.