Трамп или сѐ сака или сѐ мрази – нема средина. Но без разлика дали го сакаме или не, едно е неспорно: 47-от претседател Доналд Трамп создава нов економски поредок (НЕО). Во блиска иднина, некој економски теоретичар ќе стане познат создавајќи теорија што ќе ги објасни политиките на Трамп, како што своевремено беа блиски теориските поставки на Кејнс и праксата на Рузвелт. Се надевам дека ќе го спомене и мојот скромен придонес, со синтагмата „нов економски поредок“
СЕОПФАТНА ЕКСПЕРТСКА АНАЛИЗА НА ЕКОНОМСКИТЕ ПОЛИТИКИ НА АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ
Што може да направи една мала држава како нашата?
Краткорочен пристап (тактички мерки)
Во краток рок, ова се најважните активности што државата треба да ги преземе:
1. Билатерални преговори за преференцијални услови
Најважно е да се добие статус што би одговарал на Most Preferred Nation, каков што во моментов има Велика Британија. Говориме за статус што е економски, но и политички. САД ѝ се стратешки партнер на Северна Македонија и Македонија треба да се обиде да го валоризира ова партнерство.
2. Поддршка за извозно ориентирани индустрии
Македонија треба да се обиде да ги поддржи индустриите што извезуваат во САД. Сепак, тоа мора да се прави внимателно, за да не се ризикуваат антидампинг-мерки.
Некои од мерките може да вклучуваат:
• Инвестиции во иновации и продуктивност;
• Подобрување на трговската логистика;
• Поволни заеми преку Развојната банка на Северна Македонија.
Долгорочен стратешки пристап
Од долгорочна перспектива, како мала земја, Македонија мора да ги приоретизира и адресира клучните стратешки предизвици важни за одржливиот развој. Главни области на фокус се:
1. Долгорочна стратегија за диверзификација
За намалување на ранливоста, Северна Македонија треба да се насочи кон:
• Производна диверзификација: зголемување на производството на производи со висока додадена вредност и на „пазарни ниши“;
• Диверзификација на пазари: намалување на зависноста од неколку држави преку настапи на нови пазари.
Во моментот, фокусот на македонската индустрија е во автомобилската индустрија и на извозот, претежно во Германија и ЕУ. Оваа концентрација на определени производи за определени пазари ја прави Северна Македонија поранлива на надворешни шокови.
2. Производство со повисок степен на финализација: кон пософистицирани готови производи или специјализирани компоненти.
3. Инвестирање во брендирање и сертификација на квалитет: Промоција на „Made in North Macedonia“ како знак на квалитет, одржливост или иновација.
• Добивање меѓународни сертификати (ISO, CE итн.) за подобар пристап до премиум-пазари и намалување на ранливоста од протекционистички мерки.
4. Дигитална трговија и проширување на е-трговијата
• Поттикнување на МСП да влезат на глобалните пазари преку дигитални платформи, надминувајќи дел од традиционалните трговски бариери;
• Инвестиции во дигитална инфраструктура и логистика за поддршка на прекугранична е-трговија.
5. Стратешка соработка со дијаспората
• Искористување на македонската дијаспора за пристап до пазари, инвестиции и деловни врски во странство;
• Креирање стимулации за бизниси предводени од дијаспората да инвестираат во извозно ориентирани сектори.
6. Обезбедување на стабилност на политиките и зајакнување на правната сигурност и институциите.
• Обезбедување правна сигурност: „Правната несигурност“ е проблем за економските субјекти. Политичката и правна нестабилност, честите промени на законите и слично, претставуваат уште поголем проблем. Затоа ни требаат предвидливи и транспарентни трговски политики за привлекување странски инвестиции. Уште повеќе, за задржување на домашните инвестиции.
• Зајакнување на институциите што се релевантни за извозниците, како: царина, агенции за промоција на трговијата и иновациски хабови.
И, последно, но не и најмалку важно:
7. Регионална интеграција и трговски сојузи – вклучување на Македонија и земјите од Западен Балкан (WB6) во ЕЕО – Европска економска област (European Economic Area). Авторот во неколку наврати ги објаснуваше во неколку написи придобивките од вклучување на Македонија и сите WB6-земји во ЕЕА. (Види, на пример, Бојаџиев: ЦЕФТА како ЕФТА во EЕА – „ИДНИНАТА НА ЗБ6: ВО ЕУ ИЛИ ПОКРАЈ НЕА?”
• Стратешката вредност на овој предлог е:
Надминување на пречките со уставните измени – доколку Бугарија не ја блокира Македонија за влез во ЕЕА, тоа може да биде добар сигнал за македонскиот парламент да ги усвои уставните измени. На овој начин, можеме да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ.
• Забрзување на економската интеграција: им се нуди на WB6-земјите пристап до единствениот пазар без да чекаат целосно членство во ЕУ.
• Зајакнување на владеење на правото: Членството во ЕЕА би барало усогласување со правните стандарди на ЕУ, вклучително и со надлежноста на Европскиот суд на правдата.
• Се олеснуваат четирите слободи на ЕУ: луѓе, стоки, услуги и капитал. Граѓаните и компаниите би имале корист од полесни премини на граници и бесцарински пристап до пазарите на ЕУ.
Македонија би можела дури и да аплицира за шенген-членство, како Швајцарија и Норвешка, на пример.
Епилог
Доналд Трамп несомнено го менува текот на економската историја.
Дали оваа трансформација ќе биде одржлива зависи од два клучни фактора:
а) доследноста на претседателот Трамп во спроведувањето на неговата визија, и
б) можноста Џеј Ди Венс да го наследи како претседател и да продолжи со истите политики, односно „тврдата републиканска струја“ да остане доминантна во американската политика.
Крајниот исход на овие промени – дали истите тие ќе бидат корисни или штетни за САД и за остатокот од светот – сè уште е неизвесен и ќе се покаже со текот на времето.
На крајот, економските мислители ќе ја оценуваат и толкуваат важноста на овие политики за благосостојбата на Америка, но и на другите народи, исто како што Џон Мејнард Кејнс го елаборираше New Deal на претседателот Рузвелт.
Се надевам дека, во иднина, некои од тие анализи ќе се повикаат на овој скромен текст како прв што го воведе поимот „нов економски поредок на Трамп“.
Засега, сепак, претседателот Трамп целосно се има посветено на овој пат. Неговиот став најдобро е изразен преку древната спартанска максима: „Со штитот или на него“, или буквално „Врати се победник (со штитот), или мртов (на штитот)“. „Ἤ ταν ἤ ἐπί τας“
Автор: Марјан И. Бојаџиев
Авторот е универзитетски професор