Железничкиот сообраќај во државава од ноќеска е нормализиран откако Синдикатот на машиновозачи на Македонија го прекина бојкотот по преговорите што се одвивале синоќа со раководството на МЖ Транспорт и претставници на Министерството за транспорт.
– Имавме преговори кои вродија со плод, дел од барањата се исполнети и колегите одлучија за да не се прават дополнителни трошоци и бојкотот засега да се прекине. Сообраќајот е нормализиран ноќеска во 01:30 часот. Првиот воз замина за Куманово – изјави за МИА Тони Димовски, претседател на Синдикатот на машиновозачи на Македонија и претставник на машински и извршен персонал во МЖ Транспорт.
Димовски најави дека ќе продолжи дијалогот со раководството.
Спорд Димовски, во тек на бојкотот, што почна вчера во 13:30 часот, биле стопирани сообраќања на пет патнички воза, два за Битола, и по еден за Куманово, Гевгелија и за Велес, додека кај товарните возови немало застои освен задоцнувањата поради активности на пругите.
До раководството на железникото претпријатие на 2 октомври биле доставени 15 барања, а откако немало исход донесена е одлука за бојкот. Дел од барањата се исплата на прекувремени часови, бонус-плата за над 150 прекувремени часови, покачување на коефициентот за 0,80 поради зголемени животни трошоци, исплата на додаток од 10 отсто на платата за вонредно повикување на работа.


































