Изведувачот „Бехтел и Енка“ продолжува да работи на изградба на автопатите според утврдената динамика и сите давачки од државата во моментов се платени, истакна во гостување во емисијата „Стадион” на Канал 77, вицепреиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Според него, растот на цената на горивата во овој момент нема да предизвика дополнителни трошоци.
– Не постои поголем договор во градежништвото каде што не постои така наречено клизно прилагодување на цени, каде што се ставаат неколку клучни параметри. Тоа секако може да е негативно, на пример на проектите кои што ги гради „Бехтел и Енка“ и на „Синохидро“, минатата година имавме намалување на цени. Битуменот е една од главните состојки за производство на асфалт, а исто така има доста транспорт при изградба на големи инфраструктурни проекти. Сега засега е стабилно, ако ова заврши во наредните 2-3 месеци, ние нема да имаме проблем, ако продолжи, секако ќе седнеме ќе разговараме – рече Николоски.
На прашањето што се промени во односот кон договорот со „Бехтел и Енка“ од периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција и сега кога е на власт, Николоски директно одговори дека сега се работи, за разлика од тоа кога СДСМ и ДУИ беа на власт, кога ниту една траса не беше започната.
– Јас бев најгласен критичар на Договорот во опозиција, најголемата мана е што тој договор е класифициран и на секој мој состанок со раководството на Конзорциумот јас барам да се декласифицира, и на секој состанок тие ме одбиваат. Во 2024 година кога бевме избрани, ниту една делница не беше започната да се гради, а беа исплатени 260 милиони евра за така наречена мобилизација. Изборот беше да го раскинеме договорот, да одиме на арбитража и таму сигурно ќе изгубевме уште 250-60 милиони, или да ги натераме Бехтел да работат. Мислам дека е почесно да се заврши проектот, за парите кои што како држава веќе сме ги платиле, отколку да им ги поклониме – посочи вицепремиерот Николоски.
Министерот исто така потенцираше дека сите давачки на државата кон конзорциумот во моментов се платени и оти за тоа постои потврда и од самата компанија.
































