За изградбата на брзата пруга на Коридорот 10 ќе одиме со единствено решение што ќе опфаќа проектирање и градба во исто време, така што целокупната одговорност ќе биде на оној што ќе биде избран за изведувач и државата нема да има ризик од одлагање на роковите и од непотребни додадени трошоци, изјави потпретседателот на Владата и министер за транспорт Алексаднар Николоски.
Одговарајќи на прашање од пратеникот Благој Бочварски од СДСМ кои се роковите за изградбата на брзата пруга на Коридор 10, Николоски рече тоа што дополнително е многу битно е што услов во однос на изборот на финансиска куќа што ќе го поддржува проектот е кредитот да почне да се враќа во моментот кога проектот ќе биде предаден, односно грејс периодот да биде најмалку ист со рокот за градба.
– На тој начин финансиската инстутуција, која што ќе го прати проектот, да врши притисок на изведувачот побрзо да ја заврши работата, што мислам дека е многу битно да немаме одлагања, кои што се, инаку многу чести во големите инфраструктурни проекти – изјави Николоски.
Во однос на активностите, Николоски рече дека по препорака од Институтот за финансиска поддршка на Обединетото Кралство веќе е одбрана компанија ИРМ која што веќе активно работи на терен на подготовка на проектот.
– Очекувам летото 2031 да биде целосно завршен – изјави Николоски, посочувајќи дека станува збор за дупла пруга, и наша цел е едната линија за карго-транспорт да биде готова до 2028 година.
Николоски, исто така, информираше дека паралелено се работи на обезбедување услови и дека МЖ Транспорт е пред потпишување на договор со австриската железница ОБВ во делот на карго-превоз каде наши локомотиви и вагони ќе се користат за транспорт од Пиреа до Виена.


































