Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на работната посета на Франција, денеска остварил средба со францускиот министер за транспорт, Филип Табаро, на која разговарале за унапредување на меѓусебната соработка во делот на железницата, ависообраќајот и автопатиштата.
Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, станува збор за важен состанок за односите меѓу двете земји од областа на транспортот.
– Денеска имавме одлична средба со министерот за транспорт и инфраструктура на Француската Република, голема е честа за мене и за македонската влада да бидеме примени на виско ниво. Имаме одлична соработка која сега ќе ја надградуваме. Зборувавме за соработка која е доста развиена во делот на авиосообраќајот, двата аеродроми во Скопје и Охрид се оперираат од француска компанија. Исто така разговаравме и за зголемување на соработката и во делот на Железницата и автопатиштата – изјави Николоски по средбата со Табаро.
Во делот на Железницата, како што поосчи, ги презентирал плановите за развој на двата коридори 10 и 8.
– Македонија има уникатна позиција каде двата коридори се пресекуваат источно од Скопје и двата треба да ги развиваме. Во однос на коридор 8 кој е од стратешко значење за НАТО, зборувавме што можеме да направиме за да се доврши источниот дел од пругата, но исто така да се развие и западниот дел од пругата, секако да се поврземе и со Италија, Албанија и Бугарија и да ги поврземе Јонското и Јадранското море со Црното море – рече Николоски.
Во однос на коридор 10, министерот истакна дека тоа е најзначајниот трговски коридор на Балканот, и информира дека зборувале за тоа што може да се направи за да се изгради брза пруга и на тој начин јужните пристаништа од Европа да ги споиме со Средна и Централна Европа.
– Има големи искуства што ќе ги искористиме од Франција, Франција е лидер особено во железничкиот сообраќај и ќе работиме многу заедно. Вчера имавме средба со 11 најголеми француски компании кои се добродојдени да инвестираат во Македонија – истакна вицепремиерот и мнистер за транспорт Александар Николоски.
Министерот Табаро посочи дека и стојат на располагање на земјава за заедничка соработка.
– Веќе постои соработка од областа на воздушниот сообраќај со компанијата која управува со аеродромите во вашата земја и соработката е одлична. Соработката е добра и од областа на цивилното воздухопловство и истата постојано се унапредува.
Целта на денешната средба е да се соработува и на други проекти пред се од областа на железничкиот сообраќај, затоа што постојат француски компании кои се развиени и напреднати. Посакуваме соработката со вашата земја, која освен што би била економска, би била пред се и пријателска во насока на воспоставување заеднички проекти и споделување на нашето искуство за проекти кои биле иницирани пред неколку години, па возобновени, за да ги спроведете амбициозните проекти во вашата земја, која е незаобиколна на Балканот. Преку вас и преку пријателската средба која ја имавме, ја обновуваме желбата за цврсти врски и стоиме на располагање на вашата земја за заедничка соработка, унапредена, брза и што поамбициозна – изјавил по средбата Филип Табаро, министер за транспорт на Франција.