Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски пред потпишувањето на Договорот за заем со ЕБОР вреден 20,9 милиони евра наменет за модернизација на ЖРСМ Транспорт.

Според него, ова е особено важно за Коридорот 10 кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8 што моментно Македонија интензивно го развива преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура.

-Истовремено, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје – подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз. Во моментов се работи на една од трите линии во делот на инфраструктурата, а во следните две години ќе се работи и на преостанатите две. Кога целиот проект ќе биде завршен, по тие линии ќе сообраќаат исклучиво електрични возови, со јасна цел – целосно да се елиминира употребата на дизел локомотиви и дизел возови во главниот град и да се придонесе за подобар квалитет на воздухот. На крај, би сакала да се заблагодарам уште еднаш. Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел – успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви – нагласи Николоски.

Денешното потпишување на Договорот, оцени, е можност за заокружување на еден исклучително важен процес што ќе значи набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, заедно со пропратни резервни делови.

-Ова е навистина голем чекор напред за Железници за транспорт – и во делот на карго-превозот и во патничкиот сообраќај. Сите се сеќаваме дека минатата година, во моментот на формирање на Владата, состојбата беше исклучително тешка. Имавме нула оперативни локомотиви – практично железничкиот транспорт беше парализиран, а бројни композиции стоеја на македонските пруги бидејќи немаше со што да се оперира. Со интензивна работа и со поддршка од претседателот на Владата, успеавме во текот на минатата година да ставиме во функција пет локомотиви, а денес веќе имаме над 11 функционални локомотиви. Со тоа целосно се менува сликата за железничкиот транспорт во државата. Во таа насока, набавката на овие пет нови електрични локомотиви ќе има суштинско значење за зголемување на карго-транспортот. Од постојните 11 локомотиви, четири се понови, а седум се постари. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај -истакна вицепремиерот.

На потпишувањето на Договорот со ЕБОР во Владата се обратија и премиерот Христијан Мицкоски, како и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.