Фото: Влада

Политиките што ги спроведуваме во авиосообраќајот даваат конкретни резултати. После 12 години успеавме повторно да ја вратиме линијата Скопје-Амстердам, напиша денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во објава на Фејсбук.

Авиокомпанијата Трансавиа ќе лета двапати во неделата, во четврток и во недела на релација Амстердам-Скопје-Амстердам.

Ова е нова можност граѓаните да ги искористат бенефитите од воведувањето на нови дестинции низ Европа и светот.
За многу кратко време успеавме да овозможиме нови десетина дестинации од двата домашни аеродроми со што даваме силен поттик и развој на воздушниот сообраќај, поконкурентни услови за патување и нови дестинации за граѓаните, наведува Николоски.

По 12 години пауза, Скопје се поврза по воздушен пат со Амстердам, откако холандската нискобуџетна авиокомпанија Трансавија  го реализираше првиот лет синоќа во 21 часот на Меѓународниот аеродром Скопје.

Во четврток, авионите на холандската авиокомпанија ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром во 9:35 часот, а ќе полетуваат кон аеродромот Шипхол во 10:25 часот. Во недела, Трансавиа ќе слетува во главниот град на Македонија во 20:45 часот, а ќе полетува кон главниот град на Холандија во 21:35 часот.