Со субвенции од државата се воведуваат уште пет нови авилинии, до Скопскиот аеродром од 6 април следната година ќе се лета од Неапол и Будимпешта, а до Охридскиот аеродром од 28 јуни од Катовице, Вроцлав и Милано, главниот аеродром Молпенса, објавија денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и Јозев Варади, главниот извршен директор на „Виз Ер“.
Николоски соопшти дека „Виз Ер“ ќе го зголеми капацитетот на патници за околу 50 проценти од следната година и ќе понуди 3.300.000 седишта за Македонија. „Виз Ер“, информира, ќе има постојана флота со шест авиони на Скопскиот аеродорм и прави замена на постојните Ербас А320 со Ербас А321 нео. Бројот на 200-те вработени од државава во авиокомпанијата, којашто е корисник на субвенции од Владата од 2012 година, се планира да се зголеми за 100.
Субвенциите и за новите пет авиолинии ќе изнесуваат девет евра по патник во доаѓање на Скопскиот аеродром и 12 евра по патник на Охридскиот аеродром.
– Летовите од Катовице и Врслав се многу значајни за отворање на Полска којашто е многу заинтерсирана за туризмот во Македонија, а особено полските туристи се добредојдени во Охридскиот регион, рече Николоски на прес-конференција во Владата.
Тој истакна дека за месец и половина се објавени 11 нови авиолинии од аеродормите во Скопје и Охрид. Претходно беа најавени авиолинии од Стокхолм и Мадрид, што ќе стартуваат од 2 ноември, од Келн, Бари и Прага од 20 декември, како и од Ларнака од 30 октомври, за месец и половина, додаде, се вкупно 11 нови авиолинии во соработка со нашите пријатели од Виз Ер.
– Имаме навистина убава оперативна платформа во земјата, шест летала до крајот на годината, рути од Скопје и Охрид и над 200 вработени во земјата, а сето тоа доаѓа до 3,3 милиони седишта што ќе бидат достапни во 2026 година што е голем скок во однос на 2012 година – рече главниот извршен директор на „Виз Ер“ Варади.
Тој најави дека ќе бидат движечка сила за да донесат повеќе летала, седишта, дестинации и поголеми можности за вработувања и, наласи, би требало да очекувате од нас да имаме нови најави за аеродроми и дестинации.
Сакаме, посочи тој, да имаме надобро летало на пазарот, а вие да имате полза од сето тоа. Седиштата ќе бидат поевтини во однос на А320, а таквите заштеди ние ќе ги реинвестираме за летањето да стане подостапно за повеќе луѓе и да уживате во нашите услуги и повеќе или почесто, наведе Варади.
-Со ова проширување на мрежата на авиолинии, двата македонски аеродроми добиваат засилена улога како клучни врати кон Европа и пошироко. Овие нови авиолинии се резултат на нашата стратешка соработка со Владата и со авиокомпанијата Виз ер, со цел да се зголемат можностите за патување и мобилност на граѓаните. Сигурен сум дека новите дестинации како Неапол од Меѓународниот Аеродром Скопје, Милано и Вроцлав од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид како и враќањето на Будимпешта од скопскиот аеродром и Катовице од охридскиот, ќе бидат атрактивни за граѓаните и ќе придонесат кон конкуретноста на двата аеродроми во регионот – вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.