Просекот во Европската Унија на БДП по жител е околу 36 илјади евра. Кај нас БДП по жител изнесува шест илјади евра. Стремежот да го достигнеме нивото, според сите параметри, останува неостварлив. Зошто?

На Македонија ѝ требаат векови за да го достигне просекот на БДП на ЕУ

Европа по многу нешта ни е цел кон која се стремиме. Стратегиска цел кон која чекориме. Кон стандардите во економска, безбедносна, здравствена, социјална, образовна смисла итн. Забрзано го хармонизираме нашето законодавство, усогласувајќи ги прописите на домашното позитивно право со она на европските држави, членки на ЕУ, при што принципот на владеење на правото и функционална држава го задржуваме да ни биде во фокусот.
И во економска смисла, исто така треба да направиме силни напори за стремежот за достигнување на нивото, растот и развојот да ни биде реален. Но токму тука наидуваме на исклучителни тешкотии, при што се чини дека нивото на економски раст и развој, и покрај нереално оптимистичките процени на нашите политичари дека може да ги достигнеме за неколку десетлетија, не може да се постигне. Според процените на домашни економски експерти, нереални се очекувањата да ги стигнеме европскиот стандард, раст и развој. Најпрво, поради тоа што споменатите категории кај нив се исклучително динамични, и тоа со постојан тренд на позитивен раст. Второ, според експертите, недостижни се и паради внатрешните домашни фактори, кои генерираат раст и развој. Во тој контекст, економските експерти инсистираат на рапидни економски реформи со кои ќе се одговори на ваквиот предизвик, и тоа со двоцифрена бројка на економски раст, бидејќи единствено така има некаква зголемена веројатност за неколку десетлетија да го стигнеме европското економско ниво.

Неколку едноставни калкулации што го покажуваат соодносот на просечниот европски наспроти домашниот (македонскиот) раст и развој

Ако состојбата е како во моментов и растот на Македонија се движи околу 2 отсто, но и Европа продолжи да расте со 2 отсто, тогаш само би се продлабочувал јазот и ние никогаш не би го стигнале нивото на ЕУ! Според експертите, ние би го достигнале нивото на просечен БДП на ЕУ, како што е денес (36.000 евра), можеби за шеесетина години, но за тоа време Европа ќе порасне многу повеќе и јазот ќе стане уште поголем. Европа ќе се оддалечува од нас! Така што, ако останеме на нашиот раст на БДП од 2 отсто, тогаш станува повеќе од јасно дека Европа само ќе се оддалечува од нас (затоа што раст од 2 отсто на 36.000, не е ист со нашиот раст од 2 отсто на 6.000 евра), при што ние никогаш нема да можеме да го стигнеме нивото на ЕУ.
Второ, ако, пак, хипотетички земено Македонија успее да оствари раст од 6 отсто (што досега ни бил највисокиот раст на БДП, во 2007 година), а Европа стагнира и остварува раст од 1 до 2 отсто, тогаш можеби би ни биле потребни триесетина години за да се доближиме до животниот стандард на Европската Унија, но повторно доколку ЕУ стагнира и нема раст, (што е далеку од реално ЕУ 30 години економски да стои, односно да стагнира…), што значи реално повторно сме далеку речиси половина век до остварување на БДП што ќе го има ЕУ.
Ако, пак, навлеземе во некоја „научна фантастика“ и остваруваме раст од 10 отсто, а Европа воопшто не постигнува напредок (што е апсолутно неможно), сепак и тогаш ќе ни бидат потребни две децении, но само да се изедначиме со актуелното просечно ниво на БДП на европските држави.

Европа економски се оддалечува од нас!

Што покажуваат овие калкулации? Заклучуваме дека сиот период Европа економски се оддалечува од нас. Сериозен пораст на стапките на раст на БДП можеме да оствариме со инвестиции во капитални проекти, кои ќе ја поддржуваат економијата, односно ќе бидат мултипликатори на економијата, како што се патиштата, односно инфраструктурата. Потоа со поддршка на домашните компании за овозможување сопствено производство и сопствен претприемнички потенцијал, со цел тие производи да се пласираат и на странските пазари. Сепак, овие фундаментални развојни процеси воопшто не се едноставни, ниту пак се случуваат ад хок, особено не во посттранзициски и земји во развој. Наспроти ова, светските искуства на успешните земји што поминале низ нив и успеале да го прескокнат јазот во нивото на економска развиеност, приклучувајќи им се денес на високоразвиените земји според својот животен стандард, укажуваат дека тоа било резултат на долгорочна развојна стратегија базирана на модерни и добро координирани економски, индустриски, образовни, инфраструктурни, иновациски политики, проследени со силна посветеност на креаторите на политики во градење стабилни и силни институции.
Економските експерти укажуваат дека за да се остварат стапки на раст на БДП што ќе резултираат со подобрување на животниот стандард е потребно пред сѐ правично општество, во кое ќе владее правото и ќе има правичност во примена на законите. Нашата земја, која се стреми кон остварување на стратегиските цели што се од национален интерес, имено членството во ЕУ, не може никако со таков низок БДП да ги оствари тие цели. Напротив, економијата и општеството сѐ повеќе ќе тонат, при што неизбежно ќе се најдеме на работ на сиромаштијата.

Стотина години за да го достигнеме сегашниот европски животен стандард

Поранешниот гувернер Петар Гошев за „Нова Македонија“ објаснува дека доколку се земе просекот за Македонија од осамостојувањето, односно за изминативе триесетина години самостојност, ќе ни бидат потребни стотина години за да го достигнеме сегашниот (моменталниот) европски животен стандард.
– Просекот на растот на нашата економија во изминативе триесетина години е околу 1,7 отсто раст на БДП. Ако направиме груба пресметка, да речеме дека би растеле со исто толкава стапка и следните години, тогаш ќе ни бидат потребни трипати по триесет години за да го достигнеме европскиот животен стандард или, пак, од две до три генерации. Иако се ова груби пресметки, сепак, е јасно дека со сегашниот раст на нашата економија не само што не го кратиме јазот меѓу нашиот и стандардот на граѓаните во Унијата, односно во развиените земји, туку се оддалечуваме – вели Гошев.
Поранешниот гувернер укажува дека за да го забрзаме растот на домашната економија, а со тоа и да го подобриме животниот стандард на сите граѓани, неопходно ќе биде да се променат суштински многу сегменти во секојдневието, но и да се подобри севкупниот начин на функционирање и размислување на граѓаните.
– Има многу предуслови што треба да придонесат за поголем раст на БДП и на животниот стандард. Почнувајќи од поставување јасно дефинирани цели, преку доследно спроведување на законите, беспрекорно функционирање на институциите, кои силно ќе ги поттикнуваат компаниите да работат поинтензивно, подобро… Едноставно, потребна е промена на менталитетот на граѓаните, на сите, и оние што се на раководни функции, за да го забрзаме економскиот раст – посочува Гошев.

На нашата економија ѝ треба раст што е поголем од 5 отсто, на систематска и долгорочна основа

Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, во последниве години, Македонија, како и остатокот од светот, помина низ повеќеслојна криза, прво тоа беше пандемијата, па кризата со цените на храната и енергентите од која сѐ уште не сме излезени. Поради кризите, вели Петрески, моменталниот раст е значајно под потенцијалниот раст, за 2023 проекцијата е дека ќе се заврши со раст под 2 отсто, додека 2024 со околу 3-3,5 отсто. Процената е дека потенцијалниот раст на нашата економија се движи околу 4,5 отсто.
– Подалеку од овие кризни времиња, на нашата економија ѝ треба раст што е поголем од 5 отсто, на систематска и долгорочна основа, што значи ние примарно мора да бараме извори што ќе го поместат потенцијалниот раст. Според моето мислење, тоа се три примарни. Прво, вештините и способностите на работната сила, кои ја одредуваат продуктивноста на трудот, а кои се детерминирани од образованието и здравјето на луѓето. Важно е како највисок општествен приоритет да ги поставиме образованието и создавањето човечки капитал, наспроти искуствата од претходните една-две децении во кои пристапот во образованието беше „обиди и грешки“ – истакнува Петрески.
Второ, додава тој, иновациите и технологијата, кои се променуваат со драматична брзина глобално и нема да нѐ одминат и нас, но од нас ќе зависи колку брзо ние ќе сакаме и ќе можеме да ги прифатиме тие промени и да се адаптираме на локалните околности.
– Да не нагласувам примери во кои некоја услуга од јавната управа што светот одамна ја дигитализирал, кај нас сѐ уште е зависна од човечки фактор, што е често проследено со неефикасност, бавност, а некаде и со разни компромитации. Третиот најважен, барем во моментов, фактор во Македонија е институционалниот поредок, владеењето на правото и правната држава. Со други зборови, законите да се извршуваат еднакво за сите. На ова поле не што немаме напредок туку имаме континуирана декаденција, а тоа е инпут во формулата за растот. Севкупно земено, состојбите на овие три пункта даваат генерално објаснување зошто не растеме доволно и зошто земји што се споредливи со нас прават поголем напредок – укажува Петрески.


Деловните субјекти немаат правна сигурност

Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека она на што треба силно да се посветиме е стабилизирање на домашната економија, а дури потоа раст на истата таа, пред сѐ преку континуираност и навременост на мерките за поддршка, како и предвидливост, стимулирање на домашните компании за ширење, како на домашен така и на странски пазар, и поддршка на иновативноста и претприемаштвото – нагласуваат од Сојузот на стопански комори. Оттаму додаваат дека е потребно да се инвестира и во човечки капитал, преку преквалификација и доквалификација на кадри за индустриите каде што има недостиг, зашто ниту една компанија, независно од кој сектор е, не може да функционира без компетентен кадар.
– Едно од основните начела за постигнување економска стабилност, нешто што Сојузот на стопански комори континуирано го истакнува, е да им се обезбеди на деловните субјекти правна сигурност преку стабилна законска регулатива, ефикасна администрација, ревидирање на сите непотребни давачки кон државата во вид на непотребни разни такси и надоместоци. Особено е важна борбата против сивата економија која многукратно ги оштетува и регистрираните бизниси и државниот буџет – потенцираат од комората.
Економските аналитичари сѐ почесто споменуваат различни алатки и механизми за динамизирање на економскиот раст. Од мноштвото механизми и предлог-мерки, интересен е оној што се однесува на заштита на стратегиските домашни производи. Тие велат дека се потребни мерки со кои ќе се заштитат стратегиски производи и ќе спречат згаснување на цели производни гранки, одлив на населението и уште поголемо пасивизирање на руралните области. Се разбира, клучната цел на ваквите политики би била да се заштитат сопственото производство и сопственото население.


Многу од нашите производи наместо да се преработуваат кај нас, се извезуваат како суровини или полупроизводи

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци, Ангел Димитров, вели дека македонската економија е многу мала и нормално е огромен број од производите да се увезуваат.
– Поради економијата на обем, ние не можеме да бидеме конкурентни со големите светски производители за огромен број производи. Затоа е потребно да произведуваме производи и да даваме услуги во оние области каде што имаме предност и да ги користиме домашните капацитети. Ние имаме квалитетна земја, многу сонце и произведуваме многу вкусни земјоделски производи. За жал, поради малите површини и заостанатата технологија, нашата продуктивност е мала и ги прави нашите производи скапи – смета Димитров.
Како што нагласува тој, многу од овие производи наместо да се преработуваат кај нас, се извезуваат како суровини или полупроизводи.
– Градежништвото, металургијата, текстилот и другите индустрии каде што имаме обучени работници и долгогодишна традиција не смееме да ги оставиме на ветромет на светските пазари, затоа што тоа знаење и искуство се пренесувале со години и во случај на нивно згаснување би било многу тешко повторно да се започне со овие дејности. Туризмот е исто така многу рентабилна гранка и потребно е постепено, но сигурно да ја развиваме – појаснува Димитров.
Според него, потребни се и разни субвенции за настап на странските пазари, промоција и финансиска помош во случај на поголеми нарушувања на пазарот. Мерките би се разликувале во зависност од видот на производот и неговите карактеристики што го прават стратегиски.
Тој додава дека Македонија досега нема утврдено стратегиски дејности и смета дека сите дејности треба да добијат еднакви можности, а пазарот ќе каже кои дејности ќе се развиваат, а кои ќе пропаднат.
– Се разбира, сите оние дејности што имаат големо учество во создавање на нашиот БДП, во нашиот извоз и во вработувањето треба да се третираат како стратегиски. Сето ова ќе има економска бенефиција, затоа што уништувањето на една индустриска гранка не може прекуноќ да се замени со нова. Гранките што имаат големо учество во извозот и вработувањето треба да се потпомагаат и во случај кога полека ја губат трката со конкуренцијата однадвор, сѐ додека нивното место не го заземат нови индустрии, кои ќе обезбедат раст и развој. Државната интервенција е потребна баш поради овие турбуленции на пазарите за да го одржи нивото на раст на економијата, т.е. да го ублажи евентуалниот пад на економијата – посочува Димитров.