Во последниот квартал од минатата година невработеноста е намалена. Од 802.280 лица во државата колку што се на возраст да бидат вклучени во работен процес според закон, вработени се 690.053. Невработени се 112.227 граѓани. Овие податоци ги објави Државниот завод за статистика за последното тримесечје од 2022 година.
Според овие податоци, стапката на активно население е 54,9 отсто, на вработени 47,2 отсто, а стапката на невработеност изнесува 14 отсто.
Истовремено, Агенцијата за вработување нуди огласи за 9.236 работни позиции за барателите на работа. Најчесто понудените плати за работните места се 18.000 колку што изнесува законски определениот минималец. Тие што реално бараат работа, или т.н. „активни баратели на работа“ имаат обврска да се пријавуваат еднаш во месецот во Агенцијата.
Инаку, во понеделник треба да се одржи Економско-социјалниот совет, кога ќе се одлучува за висината на минималната плата. Според претходните најави, минималната плата ќе биде зголемена. Со зголемувањето минималецот треба да го надмине прагот од 20.000 денари и да изнесува 20.200 денари.
Изминатата недела министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, најави дека новиот износ на минималната плата ќе влезе во пресметките на работодавачите за мартовските плати што работодавачите ќе ги исплатата во април.