Пристапот до финансии останува една од клучните пречки за развој на бизнисите. Во последниот период, односно овие две-три години, стопанството е под огромно влијание на пандемијата и на војната во Украина, поради што се зголемија цените на енергијата, а во комбинација со другите проблеми во синџирот на набавки се надоврзаа други проблеми за претпријатијата.
Според странските експерти со кои се консултиравме, крајно време е државата да развие широк спектар на добро координирани политики со цел да се засилат интернационализацијата на компаниите, продуктивноста и конкурентноста. Тоа треба да вклучува унапредување на извозот и конкретни политички акции…

Државата да развие широк спектар политики за засилување на продуктивноста и конкурентноста

Енергетската и економската криза што го погодија светот и, се разбира, нашиот регион, ги ставија во нерамноправна положба домашните компании, кои се соочуваат со тешкотии во своето работење од колосални размери. Тие не само што се веќе на „биолошкиот минимум на функционирање“, т.е. пред застанување на производството, туку и она што го произведуваат е со битно намалена конкурентност во однос на странските фирми, така што и продажбата и аранжманите за пласман и продажба имаат остар пад.
За да се амортизираат ваквите состојби, Владата направи исчекор за субвенционирање на електричната енергија за малите и за средните претпријатија (МСП). Овој чекор беше поздравен од стопанствениците и од стопанските здруженија и комори, но исто така, беше третиран само како меѓучекор кон едно комплетно, интегрално решение што го понудија тие, а се однесуваше на низа конкретни предлози за одржливост на националната економија, во услови на тешка енергетска и економска криза.

Малите и средните претпријатија засега во фокусот

Раководителот на проекти во Делегацијата на Европска Унија, Мари-Маделеине Канелопуло, изјави дека малите и средните претпријатија (МСП) се сржта и основата на економиите.
– Пристапот до финансии останува еден од клучните пречки за развојот на бизнисите и поради тоа во изминатите години ги здруживме силите со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за дадеме поддршка преку оваа програма. Во последниот период малите и средните претпријатија (МСП) се под огромно влијание на пандемијата и на војната во Украина, поради што се зголемија цените на енергијата и во комбинација со другите проблеми во синџирот на набавки се предизвикаа други проблеми за претпријатијата.
Државата треба да развие широк спектар на добро координирани политики со цел да се засилат интернационализацијата на компаниите, продуктивноста и конкурентноста. Тоа треба да вклучува унапредување на извозот, политички акции, подобрување на капацитетите за исполнување на стандардите за квалитет што се бараат во различните индустрии, како и забрзана дигитализација – порачува Канелопуло.
Со Програмата за конкурентност на малите и средните претпријатија (МСП) за земјава, која е кофинансирана од Европската Унија, беа поддржани над 200 мали бизниси. Ова е најголемата програма со финансиски институции спроведена од ЕБОР, во рамките на која за земјава се обезбедени 51 милион евра, што е втора по износ, но прва по жител во Западен Балкан. Првично беа планирани 30 милиони евра од националните ИПА-фондови на ЕУ, но поради високиот интерес на локалните МСП беа доделени дополнителни 16 милиони евра со поддршка од регионалните ИПА-фондови. Дополнително ЕБОР склучи договор за последните пет милиони евра, со кои се обезбеди потребната техничка поддршка и грант-поддршката од сопствените фондови.
Под оваа програма, ЕБОР обезбеди кредит за локалните комерцијални банки, кои понатаму овозможија кредитирање на локалните мали бизниси. Покрај кредитите, МСП имаа корист од грант-поддршка финансирана од Европската Унија, во износ до 15 отсто од износот на кредитот и бесплатна техничка помош.

И големите компании, кои ги врзуваат за себе малите и средни претпријатија (МСП) како доставувачи и отпремачи, треба да влезат во владините програми

Економскиот амбиент на Македонија во последните години е зрел за спроведување реформи. Пред повеќеслојната криза што прогресира со здравствената криза, стопанската заедница напорно работеше за наоѓање инструменти и модели за реформи, кои носителите на економските политики ќе ги препознаат. Се создаваше амбиент на соработка на работодавачите, вработените, Владата и на синдикатите, со цел обезбедување подобра бизнис-клима, во однос на услови и стандарди за бизнис-секторот, и на тој начин да бидат зајакнати продуктивноста и конкурентноста на македонската економија. Исто така беа донесени и Стратегијата за конкурентност и акциониот план за зајакнување на извозните потенцијали на компаниите, посебно на големите, кој претставува „суштинскиот столб во процесот на градење појака економија“. Меѓутоа, низа фактори ја прекинаа таа стратегиска насока на движење, што проектираше и оптимистички двоцифрена бројка на економски раст, и БДП по жител дури и двојно поголем од сегашниот. Повторно стопанството се соочи со тешка рецесија, а со тоа исчезна и концептот на „неопходната кохезија“ помеѓу сите гореспоменати засегнати страни и фактори за одржлив развој на стопанството.
Сега, според повеќе економски експерти, сите заложби се вратија на почетната точка. Повторно пристапот до финансии (поевтини кредитни линии) се смета за најголема пречка за „водење бизнис“ во Македонија, а пораснатите трошоци за енергија, високите цени на репроматеријалите (како и прекинатите синџири на доставувачите) го доведоа македонското стопанство до работ на бездната.

Конкурентност – да, но сега е приоритетен одговорот на прашањето како да се
преживее

За потребата за поголема конкурентност на компаниите, само од пред некој ден посочи и Анди Аранитаси, претставникот на Одделот за мали и средни претпријатија на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
– Не двоумете се да инвестирате во вашата конкурентност. Тоа можеби не е ваш приоритет во однос на приоритетните задачи, меѓутоа сепак кога станува збор за модернизација времето не е на наша страна. Само оние што се брзи успеваат. Тоа е реалноста – порача Аранитаси при промоција на програмата за небанкарски инструменти и ги повика домашните компании да ги искористат можностите што им се нудат.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи посочи дека конкурентноста е една од најлошо разбраните области во нашата земја.
– Кога и да зборуваме за ова, разговорите се однесуваат на трошоците на секоја компанија. Не толку компании имаат разбрано дека конкурентноста всушност е инвестиција за иднината – рече Битиќи. М.Ј.


Мал број извозно ориентирани компании, а не задоволува и нивниот извозен капацитет

Во изјавите на стопанските здруженија јасно се порачува дека конкурентноста на македонските компании на надворешните пазари е влошена. За неповолната состојба посебно говорат податоците за извозно ориентираните компании.
Имено, во Македонија има помалку од три илјади постојано извозни компании и нивниот број учествува со скромни четири отсто од вкупниот број на активни компании во земјата.
Покрај ова, не задоволува и извозниот капацитет на компаниите, гледано преку висината на извозните аранжмани. Или, со извоз поголем од 500 илјади евра извезуваме помалку од 500 производи, што е десет отсто од производите што се предмет на меѓународна трговија. Поголемиот дел од нив се однесува на базични метали, примарни земјоделски производи, производи од текстил и облека, што значи дека македонската економија е претежно ориентирана на извоз на производи со пониска стапка на финализација и ниско ниво на додадена вредност.