Дождот е добредојден за влажност на почвата, само ниските температури да не ни ги „изедат“ овошките
По подолг период, оваа пролет се покажа како навистина влажна за Македонија и регионот, и иако дождот е неопходен, особено од аспект на производството на храна, сепак, обилните дождови може да направат и големи штети.
Веќе се најавени ново заладување и нови врнежи, како на дожд така и на снег на повисоките места, што секако ќе донесе и пониски температури. Овие промени може да направат големи штети во земјоделството, сектор што е особено важен за производството на храна. Како што најавуваат синоптичарите, викендов ќе дува засилен северен ветер, температурите значително ќе опаднат и врнежи од снег се очекуваат и во некои од пониските места. В понеделник наместа ќе има провејување на слаб снег, а утринските температури на повеќе места ќе бидат негативни. Потоа следува период на стабилно и постудено време со утрински температури што насекаде ќе бидат околу нулата.
Експертите предупредуваат на опасност од мрзнење на овошките поради новиот ладен бран
Осцилациите на температурите и мразевите во пролетните денови може да направат големи штети во земјоделството, а како што укажуваат од Агрометео, потсектор во Управата за хидрометеоролошки работи, врнежите се добредојдени да обезбедат вода во почвата, но предупредуваат на опасност од мрзнење на овошките поради новиот ладен бран.
Изминатата седмица имавме променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Максималното дневно количество на врнежи од дожд, 41 милиметар, беше регистрирано во Гевгелија на 30 март. Во последните шест дена од месецот на повеќе локации во државата имавме циклонски пробив со континуирани ефективни и краткотрајни поројни врнежи придружени со изолирана појава на град и грмежи.
– За земјоделското растително производство од големо значење е интензитетот на врнежите. Дождот може да биде со мал интензитет (ситен дожд) или со голем интензитет (пороен дожд). Интензивните поројни дождови можат да бидат штетни поради засилување на ерозивните процеси на наклонети терени, а можат да предизвикаат поплави и оштетување на земјоделските култури. Обилните врнежи може да доведат до создавање поројни водотеци и можни излевања и поплавувања на одредени земјоделски површини. При интензивни поројни дождови почвата не може да го впие целото количество вода, така, на пример, кога паѓа пороен дожд за половина час почвата впива 35 отсто, а при ситен дожд за време од шест часа почвата впива некаде околу 93 проценти.
Нека има дожд, но нека биде со помал интензитет и рамномерен
За растителното земјоделско производство од најголема полза се ситните рамномерни дождови со помал интензитет. По такви дождови почвата останува во поволна состојба за обработка за сеидба, посевите поинтензивно се развиваат, објаснува Весна Марковска, советничка за агрометеорологија.
Марковска укажува дека, сепак, овие врнежи што паднаа се од големо значење за сите земјоделски култури и ќе придонесат за зголемување на влагата во почвата, која е потребна за пролетната подготовка на почвата за садење одредени култури.
– За стрнишните жита кај нас од суштинско значење се врнежите во периодот од почетокот на март до почетокот на јуни. Пченицата троши најголеми количества вода во фазите на вретенисување, класење, млечна зрелост. Фазата на вретенење се одвива во пролетниот период. Во почетокот на оваа фаза се оформуваат репродуктивните органи, од кои ќе зависи и плодоносењето, па затоа во оваа фаза растението мора да има доволно количество вода и хранливи материи. Токму поради тоа, овој дожд позитивно ќе се одрази врз есенската пченица – нагласува Марковска.
Таа додава дека овошните култури имаат најразлични барања во однос на водата, поради длабокиот корен, па поради тоа релативно лесно поднесуваат суша, но потребна е оптимална влажност во почетокот на вегетацијата за нормално цутење и формирање плодови.
– Потребата за вода кај младите насади има големо значење за брз уедначен пораст и формирање насад со добра кондиција. При недостиг од вода во текот на порастот на плодовите, тие остануваат ситни, а може да дојде и до нивно опаѓање. Поради тоа овие врнежи имаат позитивно влијание. Исто така, поради повисока релативна влажност во зоната на растенијата, може да се создадат поповолни услови за појава на растителни болести и штетници, па поради тоа, потребни се преглед и контрола на посевите – објаснува претставничката од Секторот метрологија при Управата за хидрометеоролошки работи.
Синоптичарите предвидуваат значително опаѓање на температурата, кое се очекува во почетокот на седмицата
За деновиве исто така се најавени дождови, локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, дури се очекува и пробив на студена воздушна маса од север со снег на планините. Синоптичарите најавуваат дека температурите значително ќе опаднат.
– Ова значително опаѓање на температурата, кое се очекува во почетокот на седмицата, може повторно да ги загрози земјоделските култури, особено овошните дрвја, со можност за појава на мраз, како и да причини штети, претежно кај оние што веќе се процветани. Препорачуваме земјоделските производители да преземат соодветни мерки за заштита на нивните посеви против измрзнување, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив, да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да ги заштитат растенијата, особено овошните видови, од појава и развој на болести и штетници, редовно да вршат следење на нивните посеви и други потребни агротехнички мерки – нагласува Маркоска.
Според најавите на синоптичарите, минималната температура ќе се движи во интервал од – 6 до 8 Целзиусови степени, додека максималната температура ќе се движи во интервал од 3 до 19 Целзиусови степени. Е.Р.