Фото: Маја Јаневска-Илиева

Институциите при Министерството за финансии ги почнаа контролите на ИПАРД 2 и ќе се воведат контролни механизми за да се зајакне процесот – изјави министерот за земјоделство Цветан Трипуновски кој денеска беше во Тутунскиот комбинат Прилеп пред почетокот на откупот на тутунот.

Владата, посочи, е таа што ги стопира средствата од ИПАРД 3 програмата и таа ќе ја симне блокадата откако ќе завршат проверките. Трипуноски не можеше да прецизира до кога ќе траат, но за релативно брзо ќе има официјален податок.

-Се прават дополнителни проверки и веднаш по таа проверка ќе си продолжи ИПАРД програмата да функционира во еден нормален тек, а Брисел ќе го известиме со конкретен план и кои контролни механизми ќе ги воведеме за да го дозајакнеме самиот процес. Сакам уште еднаш да бидам прецизно јасен – средствата од ИПАРД 3 програмата не се стопирани од Брисел, туку ги блокираа нашите структури за дополнително да провериме што се случувало во самата институција, Платежната агенција. Проверките ги прави посебното тело во состав на Министерството за финансии, инаку национален координатор за ИПА структурите. Колку ќе трае контролата не можам да кажам, но за многу скоро ќе се излезе со официјален податок. Повторувам, кога ние ја носиме одлуката за стопирање, ние ја носиме и одлуката за деблокирање на самиот процес – изјави Трипуновски.

Што се однесува до националната програма и исплатите, како што се субвенциите од јавните повици, меѓу кои за млад земјоделец, нема никаков проблем и таа програма продолжува.

-Во делот на националните плаќања, јавните повици кои ги имаше Агенцијата, тие веднаш ќе си продолжат со нормална динамика да се спроведуваат – рече Трипуновски.

Од денеска, како што кажа, нов директор на платежната агенција е Даниела Лазарова Иротова, поранешен државен советник во Министерството за земјоделство која ќе ги движи процесите во Агенцијата за да нема паника кај земјоделците.

-На последната владина седница минатата недела назначен е нов директор на Платежната агенција кој од денеска стапува на должност и ќе ги движи процесите во нормален тек за да не се појави паника или загриженост кај земјоделците, туку ќе продолжиме со тековно работење на Агенцијата. Новиот директор е Даниела Лазарова Иротова, поранешен државен соверник во Министерството за земјоделство – образложи министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

Инаку, ИПАРД 3 програмата е од 128 милиони евра и е седумгодишна, од 2021 до 2027 година. Дел средства се искористени.