Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Владата внимателно ги следи цените на прехранбените производи во маркетите, при што е забележано зголемување кај маслото за јадење и јајцата, изјави на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски.

Тој нагласи дека Државен пазарен инспекторат е постојано на терен и врши контроли, додека Владата ги анализира причините за поскапувањата.

Според премиерот, растот на цените се оправдува со глобалните движења на берзите, особено кај суровините – како што е храната за живина, која директно влијае врз цената на јајцата, како и кај маслото, кое е типичен берзански производ.

Мицкоски порача дека Владата нема да дозволи значајни ценовни осцилации кои би влијаеле врз животниот стандард на граѓаните и најави дека ќе се преземат мерки доколку се утврди неетичко однесување од страна на трговците, снабдувачите или производителите.

Тој додаде дека институциите ќе продолжат проактивно да ја следат состојбата и навремено да реагираат, имајќи предвид дека дел од ризиците доаѓаат од глобалните пазари.