Фото: МИА

Од 1 декември, учеството за станбен кредит за оние граѓани кои за првпат сакаат да купат стан ќе биде 10 проценти, а за сите останати се зголемува од постојните 15 на 25 проценти. Ова се овозможува со одлуката за макропрудентни мерки што денеска на седница ја усвои Извршниот одбор на Народната банка.

Гувернерот Трајко Славески на прес-конференција по завршување на седницата појасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување стан или куќа наменети за сопствено живеење, но имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се затегнуваат условите за користење на станбен кредит за оние кредитобаратели за кои станбениот објект што сакаат да го купат не е примарно живеалиште.

– За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10 проценти од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15 проценти на 25 проценти од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55 проценти за изложеноста во денари и 50 проценти за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50 проценти за изложеноста во денари и 45 проценти за изложеноста со валутна компонента – појасни Славески.

Промените во макропрудентните мерки, како што посочи гувернерот, имаат превентивен карактер со цел заштита од прекумерна задолженост што може да се одрази на способноста за редовно отплаќање на обврските и на вкупната стабилност на финансискиот систем.

– Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити – посочи Славески.

Со ваквиот пристап, според Славески, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.