Народната банка успешно ја заврши обуката за климатските ризици во партнерство со Европската инвестициска банка (ЕИБ), како дел од Програмата за зелени финансиски системи. Со оваа соработка, Народната банка значително ги зајакна своите капацитети за справување со климатските предизвици и за поддршка на зелените инвестиции.
Во рамките на програмата, над 50 вработени од Народната банка добија обука за климатските ризици, зелените финансии и финансиската регулатива којашто се однесува на одржливоста во работењето на банките. Стекнатите знаења ќе се споделат и со други финансиски институции во земјава, заради подобро управување со климатските влијанија во целиот сектор.
– Управувањето со климатските ризици е наш стратегиски приоритет. Благодарение на партнерството со ЕИБ, сега сме подобро подготвени за да ги вградиме климатските аспекти во нашите политики и за да го поддржиме преминот кон одржлива економија – изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Бјорн Габриел, претставник на ЕИБ за Македонија, рече дека ова партнерство придонесува за инвестирање во енергетската ефикасност.
– Горди сме што ја поддржуваме Народната банка во нејзината посветеност на одржливоста. Ова партнерство придонесува за инвестирање во енергетска ефикасност и приспособување на компаниите кон климатските промени, што е важно за долгорочната конкурентност на економијата – посочи Габриел.
Беа изработени и мапи за климатските ризици за земјава и беше спроведено национално истражување за свесноста кај компаниите за одржливо работење и за влијанието на климатските промени врз нивното работење. Програмата обезбеди и стручна поддршка за Народната банка за воспоставување рамка за известување од страна на банките за климатските ризици, според меѓународните стандарди.
Програмата е финансирана од Министерството за економија и климатска акција на Германија преку Меѓународната климатска иницијатива (ИКИ).