Власта има обврска да го штити и унапредува квалитетот на животниот стандард на граѓаните. Најминималното што може да го направи е да ги зајакне инспекциските служби со толку потребните човечки ресурси и да им даде поддршка или дополнителни ресурси во нивните активности за надзор над спроведувањето на законите. На тој начин, барем она што било утврдено со закон ќе резултира и со фактичка заштита на животниот стандард на граѓаните
Инфлацијата во мај е зголемена за 4,5 отсто во однос на истиот месец лани
Во последните неколку месеци, граѓаните на Македонија се соочуваат со значително зголемување на цените на основните животни потреби, особено на храната.
Многу производи последниов период поскапеа, а манипулацијата и дубиозите на некои од трговците никако да запрат.
Така, од средата граѓаните купуваат поскап бел леб за околу 10 отсто. Според извештаите од мелничко-пекарската индустрија, причината за ова зголемување лежи во порастот на цените на пченицата на светскиот пазар, што доведе до зголемување на цените на брашното за 10 отсто.
Цените на прехранбените производи на глобално ниво се зголемија трет последователен месец во мај, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Во извештајот на ФАО стои дека цените на житата во мај во однос на април се зголемија за 6,3 отсто. Тоа е резултат на растот на глобалните извозни цени на пченицата, како одраз на зголемената загриженост за неповолните услови на земјоделските култури, кои ги намалуваат приносите за жетвата во 2024 година во главните производни области, вклучувајќи делови од Северна Америка, Европа и регионот на Црно Море.
Што да се очекува во иднина, сепак Македонија е увозно зависна земја, што треба да се преземе, бидејќи на удар се граѓаните? Со оглед на тоа што засега сѐ уште има отсуство на политичка влада со даден полн мандат од граѓаните, дали тоа значи дека во скора иднина со стриктно спроведување на законите, граѓаните може да се надеваат дека може да се намалат цените?
Инфлацијата во мај е зголемена за 4,5 отсто во однос на истиот месец лани. Во меѓувреме, цените на мало во истиот период се зголемени за 5,8 отсто. Споредено со април, инфлацијата во мај е повисока за 0,9 отсто, а цените на мало се зголемени за 1,3 отсто, објави Државниот завод за статистика.
– Во споредбениот период мај годинава и мај лани, најголем пораст на цените е забележан кај услугите и земјоделските производи. Од друга страна, прехранбените производи бележат пораст од 5,3 отсто, а индустриските производи за 4,7 отсто – се вели во соопштението на ДЗС.
Според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија, на едно семејство месечно му се потребни 1.000 евра за да го помине месецот.
Познавачите на состојбите во економијата велат дека растот на цените на земјоделските производи се должи и на тоа што немаме доволно земјоделско производство. Од извозник на овошје и зеленчук во минатото, станавме увозник и затоа граѓаните сега ги плаќаат скапо.
Според економскиот експерт Здравко Савески, она што прво треба да се направи е да се раскрсти со идеолошката догма и пропаганда дека тоа што постоела конкуренција на пазарот значело и дека сигурно ќе се намалат цените на финалните производи.
– Конкурентите се стремат да ги избегнат меѓусебните ценовни војни, што во крајна линија оди на нивна штета, и наместо тоа се договараат околу задржувањето и покачувањето на цените. Ова е причината зошто и при толку фалената конкуренција ние гледаме повисоки цени, и тоа истовремено покачување на стоките и услугите, во последно време конкретно во угостителството – објаснува Савески.
Понатаму, како што вели тој, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, токму цените на угостителските услуги бележат натпросечен годишен раст од 8,5 отсто. Во услови кога растот на цените на храната е под општото ниво на инфлација и со 3,8 отсто е значително пониско од порастот на цените во угостителството.
– Домашно приготвената храна секогаш е поевтина од купената. Исто така, ние сме земја во која има високо ниво на фрлање на храната. Порационалното однесување во тој поглед исто така има потенцијал да придонесе кон одржувањето на животниот стандард. Зашто, кога се фрла храна, меѓу другото, се фрлаат и пари. Се разбира, тоа не значи дека власта нема обврска да го штити животниот стандард на граѓаните. Најминималното што може да го направи е да ги зајакне со кадар инспекциските служби и да им даде политичка поддршка во нивните активности за надзор над спроведувањето на законите. На тој начин, барем она што било утврдено со закон ќе резултира и со фактичка заштита на животниот стандард на граѓаните. Може да се оди и понатаму. За време на минатата влада падна идеолошката догма дека во име на т.н. слобода на пазарот власта не смее да прибегнува кон утврдување на цените. Таквото однесување треба да го продолжи и идната влада секогаш кога е јасно дека некои непринципиелни квазикапиталисти со неолиберални сфаќања ги искористуваат флуктуациите на цените за енормно лично богатење – истакнува Савески.