Како последната одлука на ЕЦБ ќе се одрази врз нашето банкарство, дали ќе поттикне намалување на каматите на кредитите, особено на оние подигнати во евра, прашавме претставници на Народната банка на Македонија. Оттаму укажуваат дека ваквиот потег на централната банка на Европа може да се почувствува во случај кога станува збор за кредити подигнати во евра. Од Народната банка за „Нова Македонија“ објаснуваат дека, по правило, промената на основната каматна стапка на ЕЦБ води и кон слично придвижување на овие меѓубанкарски каматни стапки, со што може да се очекува намалување на референтните одредници за висината на променливите каматни стапки на одобрените кредити од домашните банки
Централните банки ги намалија основните камати, што можат да очекуваат граѓаните и компаниите
Што може да очекуваат македонските компании и граѓани по намалувањето на каматните стапки на Европската централна банка? Како овој потег ќе влијае на задолжените сограѓани, ќе се намалат ли каматите или одлуката нема да има значајно влијание? Со оглед на фактот што голем дел од домашните кредити се издава со ЕУРИБОР стапка, реално е да се прашуваме дали последниот потег на ЕЦБ ќе влијае и врз домашните кредитокорисници.
Како последната одлука на ЕЦБ ќе се одрази врз нашето банкарство, дали ќе поттикне намалување на каматите на кредитите, особено на оние подигнати во евра, ги прашавме претставниците на Народната банка на Македонија. Оттаму укажуваат дека ваквиот потег на централната банка на Европа може да се почувствува во случај кога станува збор за кредити подигнати во евра.
– Одразот од последните чекори на ЕЦБ за намалување на основната каматна стапка врз кредитните производи што се одобрени од домашните банки, во основа зависи од типот на каматната стапка што е определена во конкретните договори за кредити што се номинирани или индексирани во евра, односно дали е определена примена на фиксна или променлива договорна каматна стапка. Така, доколку договорната каматна стапка е фиксна, тогаш овие промени на основната каматна стапки на ЕЦБ нема да имаат преносни ефекти врз висината на договорните каматни стапки – појаснуваат од НБРМ.
Сепак, од Народната банка дополнуваат дека ако кредитот е договорен со променлива камата, намалувањето на каматните стапки на ЕЦБ исто така ќе се почувствува.
– Наспроти тоа, доколку е договорена примена на променлива каматна стапка за одреден кредитен производ, намалувањата на основните каматни стапки од страна на ЕЦБ ќе се одрази на посреден начин, преку движењето на каматните стапки на меѓубанкарскиот пазар во евра (како на пример ЕУРИБОР или ЕСТЕР). Движењето на овие меѓубанкарски каматни стапки е исклучително важно затоа што се користат како референтни каматни стапки за одредување на висината на променливата каматна стапка на кредитите во евра и на кои банките надградуваат одреден фиксен додаток – објаснуваат од домашната централна банка.
Може да се очекува намалување на референтните одредници за висината на променливите каматни стапки на одобрените кредити од домашните банки
Од Народната банка за „Нова Македонија“ објаснуваат дека, по правило, промената на основната каматна стапка на ЕЦБ води и кон слично придвижување на овие меѓубанкарски каматни стапки, со што може да се очекува намалување на референтните одредници за висината на променливите каматни стапки на одобрените кредити од домашните банки.
– Секако, овој одраз ќе зависи и од тоа какви се конкретните други договорни услови на секој одделен договор за кредит, а првенствено од тоа со која фреквенција е договорено дека ќе се врши повторното одредување на висината на променливата каматна стапка на кредитот, што честопати се врши на шест месеци, но може да биде и на друг договорен интервал – укажуваат од НБРМ.
Нашата централна банка пред кратко време повторно ја намали каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., на нивото од 5,55 проценти. Од НБРМ посочија дека со оваа промена на каматните стапки се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, што е условено од натамошното присуство на ризиците поврзани со надворешното окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка.
Од централната банка за „Нова Македонија“ укажуваат оти поставеноста на монетарната политика е условена од инфлациските движења и од случувањата на девизниот пазар.
– Во првиот сегмент засега движењата се поволни. Во согласност со последните податоци, инфлацијата во првите 11 месеци од годинава изнесува просечни 3,4 проценти и е во рамките на проекцијата за 2024 година од 3,5 отсто. Очекувањата се дека инфлацијата ќе се намалува и во следниот период, со што ќе се сведе на 2,5 проценти во 2025 година и на околу два отсто на среден рок, доколку нема поголеми надворешни или домашни шокови. Истовремено, движењата на девизниот пазар се исто така поволни и тој останува стабилен, при поволна динамика на трговскиот и платниот биланс и раст на девизните резерви – укажуваат од централната банка.
Се следат сигналите од Европската централна банка
Наедно, тие нагласуваат дека Народната банка ги следи сигналите од Европската централна банка, која во четири наврати годинава ја намали каматната стапка, со очекување дека оваа политика ќе продолжи и во 2025 година.
– Овие услови овозможија Народната банка од септември да почне со постепено и претпазливо нормализирање на монетарната политика. Досега Народната банка ја намали каматната стапка на благајничките записи во три наврати, за вкупно 0,75 процентни поени – велат од НБРМ.
Притоа оттаму нагласуваат дека понатамошниот развој на споменатите трендови ќе го диктира и идното поставување на монетарната политика.
– Доколку продолжат позитивните движења и нема материјализација на некои позначајни ризици, овој процес на постепено олабавување на монетарната политика може да продолжи. Важен фактор што Народната банка ќе го има предвид е и поставеноста на Европската централна банка. Сепак, како и досега, Народната банка ќе биде внимателна и усогласена со состојбите во домашната економија, со цел одржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност, кои остануваат основни приоритети – потенцираат од Народната банка. Е.Р.