Фото: ЕПА

Аналитичка опсервација

  • Тврдењето дека САД би можеле да ја користат Венецуела како „амортизер“ пред нова воена ескалација против Иран не е без логика. Војната секогаш носи ценовни шокови, не само поради физичкиот недостиг од нафта туку и поради паниката на пазарите, шпекулациите и несигурноста. Американската влада е свесна дека растот на цените на горивата директно се прелева во инфлација, незадоволство и политички ризик дома. Затоа, секој обид за воена авантура мора да биде придружен со план за стабилизација на енергетските пазари. Венецуела во тој контекст е дел од поголема шаховска табла и, сепак, заради нафтата, поврзана за сето она што САД сакаат да го направат во Иран

Одлуката на венецуелското Национално собрание да ја олабави државната контрола врз нафтениот сектор претставува историски пресврт за земја во која нафтата со децении не беше само економска гранка туку идеолошки столб. Државната доминација над нафтената индустрија беше суштински дел од проектот на претседателот Уго Чавез, симбол на отпор кон американското влијание и алатка за финансирање на социјалната држава. Нејзиното напуштање денес не може да се чита изолирано од поширокиот геополитички контекст.
Прашањето што се наметнува е: колку венецуелската нафта навистина е важна за САД и дали таа служи како „осигурување на Вашингтон“ во сценарио на поширок конфликт на Блискиот Исток, особено со Иран?

Венецуела како резервна нафтена пумпа за САД

Венецуела располага со најголемите докажани резерви на нафта во светот, но со години тие резерви беа практично нефункционални. Санкциите, лошото управување, техничката деградација и масовното иселување на експертите ја оставија индустријата парализирана. Токму затоа, од американска перспектива, Венецуела не е краткорочно решение за евентуален шок од губење на иранската нафта, туку среднорочна и долгорочна геостратешка инвестиција.
Дури и со олабавени санкции и влез на американски компании, ќе бидат потребни години за сериозна обнова на производството. Тоа значи дека венецуелската нафта не може веднаш да ја замени иранската, но може да испрати важен сигнал до пазарите: дека САД работат на создавање алтернативни извори и дека не се целосно зависни од нестабилните региони на Блискиот Исток.

Приватизацијата како геополитичка алатка

Отворањето на венецуелскиот нафтен сектор за странски капитал не е само економска мерка туку и политичка капитулација под притисок. За Вашингтон, тоа претставува ретка можност: да се врати во земја од која беше истиснат со децении и да го редефинира енергетскиот баланс во западната хемисфера.
Американските енергетски компании не влегуваат само поради профит туку и како продолжена рака на стратегијата за енергетска безбедност. Контролата врз венецуелската нафта значи и контрола врз еден од ретките големи извори што се надвор од влијанието на Русија и Блискиот Исток – барем потенцијално.

Нафтата сè уште е валута на моќта

Тврдењето дека САД би можеле да ја користат Венецуела како „амортизер“ пред нова воена ескалација против Иран не е без логика. Војната секогаш носи ценовни шокови, не само поради физичкиот недостиг од нафта туку и поради паниката на пазарите, шпекулациите и несигурноста.
Американската влада е свесна дека растот на цените на горивата директно се прелева во инфлација, незадоволство и политички ризик дома. Затоа, секој обид за воена авантура мора да биде придружен со план за стабилизација на енергетските пазари. Венецуела во тој контекст е дел од поголема шаховска табла, а не непосреден прекинувач што може да се вклучи по потреба.
Олабавувањето на државната контрола врз венецуелската нафта не е знак на идеолошка еволуција, туку на геополитичка принуда. За САД, тоа е стратешка можност – не за утрешната војна, туку за следната деценија. Венецуелската нафта не ја гарантира американската енергетска безбедност, но ѝ дава простор за маневар во свет каде што нафтата сè уште е валута на моќта.
Во таа смисла, прашањето не е дали Венецуела ќе ја ублажи цената на некој иден конфликт, туку дали токму преку ваквите „мирни“ економски преземања, САД се обидуваат да ја намалат потребата за отворена војна – или барем нејзината политичка цена дома. Р.С.


САД пресметаа дека краткорочно би биле најмалку погодени од војна со Иран, а долгорочно би имале сериозни бенефити

Нафтата сѐ уште е џокер во геополитиката

Дали и колку САД ризикуваат со нивната воена кампања врз Иран и што ќе се случи со цената на нафтата ако Иран го затвори Персискиот (Гулфскиот) Залив беше прашањето што им го поставивме на нашите соговорници, професори и аналитичари во неформалниот Уредувачки совет на нашиот весник, со кои во последно време имаме чести опсервации и жолчни дискусии на разни теми.
– САД ризикуваат, да, но не симетрично како остатокот од светот. Но во прашањето има и една неточност во врска со затворањето на заливот. Имено, Иран не може формално да „го затвори заливот“, но може сериозно да го попречи протокот низ Ормускиот Теснец, низ кој минуваат околу 20 -25 отсто од светската трговија со нафта и гас. Доволни се поморски мини, напади со дронови и ракети, заплашување на танкери за осигурителните компании да ги повлечат полисите, а танкерите да престанат да пловат. Последицата би била нагло зголемување на глобалната цена на нафтата, можеби драматично и инстантно во рок од неколку дена. Мора да се потсетиме дека речиси половина век Иран ја има предвид, како концепција и доктрина, токму оваа стратегија на одбрана. Техеран е свесен дека не може директно да се мери со американската воена моќ, па затоа се подготвува за асиметрична војна. Не со масовни фронтови, туку со притисок врз најранливата точка на светот, енергијата и трговијата, беше веднаш издвоено како размислување.

Ќе значи ли тоа недостиг од нафта за САД?

– Тука треба да се има предвид една клучна нијанса. САД денес се различни од Америка од 1990-тите или од 2003 година. Треба да се има предвид фактот дека денес САД се најголем светски производител на нафта и гас. Затоа, треба да се тргне од премисата дека нето-зависноста од увоз на нафта е значително намалена. Американските стратешки резерви се дизајнирани токму за вакви шокови. Затоа, главниот проблем за САД од војната со Иран не би бил физички недостиг од нафта, туку еден потенцијален ценовен шок, инфлација и над сѐ политички притисок врз администрацијата на Трамп. Со други зборови, Америка ќе има нафта, но Европа, Јапонија, Јужна Кореја и Кина би биле многу потешко погодени.

Кој најмногу ќе загуби од затворањето на Ормускиот Теснец?

– САД сигурно нема да загубат најмногу, ниту краткорочно, а долгорочно од војната дури би можеле да извлечат корист. Вашингтон веќе го пресметал тоа. Најголем удар би претрпеле НЕ САД, туку нејзините ривали и плус нејзините сојузници. На пример, Кина, која е огромен увозник од Персискиот Залив. Потоа ЕУ, која е сега енергетски најчувствителна. Понатаму Индија, Јапонија, Јужна Кореја, дури и арапските монархии (Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати) би биле директно погодени.
Во тој контекст, арапските и другите муслимански земји деновиве повторно започнаа дипломатска кампања и, како што оценува „Фајненшл тајмс“, ги даваат „последните напори“ за да спречат избувнување нова војна меѓу САД и Иран. Некои од земјите од Персискиот Залив, првенствено Катар, Оман и Обединетите Арапски Емирати, интензивно комуницираат и со американската и со иранската страна, обидувајќи се да го спречат понирањето кон оружен конфликт. Според „Фајненшл тајмс“, арапските и другите муслимански земји директно го предупредија Трамп дека нападот врз Иран може да предизвика поширок регионален конфликт, вклучително и одмазда против повеќе нафтени и гасни постројки во Персискиот Залив, што би имало далекосежни последици за глобалната енергетска безбедност. Ова е причината зошто нападот над Иран и последователните потези (затворањето на заливот и ракетирањето на другите нафтени извори во регионот, од страна на Иран како одговор) е квалификувано од страна на земјите во регионот како „форма на економско самоубиство на регионот со политичка и економско-финансиска порака до целиот свет“. Р.С.