На прагот да станеме енергетски независна држава?! Е па, не е баш така!

А баш ме интересира дали некој во Македонија има информација колку домаќинства навистина се просјумери? Просјумери се домаќинства што поставиле ФВ-колектори и во исто време се и производители и потрошувачи на електрична енергија. Илјада, две, пет илјади? И колку тие влијаат во однос на 650.000 домаќинства и веројатно толкав број броила на електрична енергија? И дали го прифаќате образложението што го сервираат експертите од РКЕ? Можете да го проголтате?

Коментар на проф. д-р Константин Димитров на ставовите на претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, објавени во „Нова Македонија“ на 1.6.2024 г.

1. Може да прифатиме дека сме на „прагот“ навистина да станеме енергетски независна држава, арно ама тој праг е многу висок, слично на „прагот“ за влез во ЕУ. Таму сме пред врата, ама никако да нѐ собере да влеземе. Ако притоа разбираме што е СОПСТВЕНО производство на електрична енергија (а не купено), овој праг е навистина многу висок. Во текстот, презентиран од ценетиот новинар на најстариот македонски дневник, го коментирам текстот како што е објавен, затоа што изјавите на претставниците на Регулаторната комисија за енергетика на Македонија (РКЕ), изворно ги немам. И начелно со поголемиот дел од нив не се согласувам.
За да објаснам зошто тој праг е висок, ќе се послужам со официјални показатели од Заводот за статистика на Македонија за потребите и потрошувачката на енергија во 2023 година. А тие се:

Бруто-потребна количина електрична енергија во 2023 година: 6,976,344 MWh.

СОПСТВЕНО производство на електрична енергија (АД ЕСМ): 5,135,590 MWh.

Купено во Македонија од приватни независни производители: 1,690,280 MWh.

Купено во странство (увезено) од приватни производители: 150,474 MWh.

Сопствено производство: 73,6 % Купено дома и увоз: 26,4 %.

А изјавата дека во Македонија „во 2023 година имаме увоз на електрична енергија од само 2,75 проценти“ е манипулација, бидејќи се прикажува „домашно“ како „сопствено“. Еве еден приземен пример за да биде појасно што е разликата меѓу домашно и сопствено. Дома имате четири-пет корења патлиџани и единствен трошок ви се купување на расадот, прихранување и нега за да пораснат. Ако немате произведено „сопствени“ патлиџани, одите на пазар и купувате… патлиџани што се „домашно“ производство (на пример од Струмица) или „увозни“ (на пример од Турција или Албанија), ама за вас битна е ЦЕНАТА на производот. Увозните, ако се поубави, може да бидат и 10 отсто поскапи. А таа е значително повисока во однос на сопствено произведените.
Со години се провлекува недостиг на сопствено производство на електрична енергија од 25 до 30 отсто. Ако РЕК „Битола“ проработи барем делумно како што треба (арно ама со години не е таква состојбата), со изградба на дополнителни две когенеративни постројки од по >200 MW капацитет, можеби ќе го надминеме прагот и ќе имаме СОПСТВЕНО производство (не само домашно) и ќе станеме независна држава. Сега, сѐ уште сме ЗАВИСНИ од приватните производители и очајната состојба на РЕК „Битола“. А тие работат за профит. Спротивно на нив, АД ЕСМ припаѓа на граѓаните, на корисниците, и евентуалниот профит се враќа на корисниците (така би требало, иако сега служеше за извлекување пари, за „специјални намени“).

2. „Производството на струја од фотоволтаици се зголеми за речиси 300 отсто, тој тренд го имаме и оваа година“. Според мене, изградбата на големи комплекси со ФВ-фотоволтаични колектори, и тоа на обработлива земја, не е оправдана политика за овозможување на таканаречената транзиција кон општество без фосилни горива. Некритичното концентрирање на производството, наместо поддршка на малите и средни претпријатија и домаќинствата за да се обезбеди дистрибуирано производство на електрична енергија од ФВ-системи ја зголемува цената на енергијата поради зголемената потреба од балансирање меѓу потрошувачка/производство. И на место е изјавата дека: „Она со што ќе се соочува не само Македонија, туку и цела Европа каде што има фотоволтаици се можните тешкотии во однос на водењето и балансирањето на системот бидејќи еден облак што никој не може да го предвиди влијае на производство и тоа ќе биде предизвик за сите преносни систем-оператори“. А која институција им дава согласност/лиценци на овие големи производители? РКЕ? Владата? А кој плаќа за зголемените трошоци за балансирање, а?

3. Идниот премиер, проф. д-р Христијан Мицкоски, изјави дека Владата ќе ја укине давачката за пристап до мрежа, која ја предвиде РКЕ. Таа давачка не е 200 денари за секое броило на електрична енергија, туку реално е 236 денари, зголемено за цели 18 отсто. На сите домаќинства што спаѓаат во првата категорија, неоправдано, без валидни аргументи им се зголемени трошоците за 10-14 отсто. А од РКЕ велат дека воделе сметка за потрошувачите. Не сум убеден дека водат сметка за потрошувачите (можеби на зборови, со изјави) поради објаснувањето со кое треба да ја оправдаат оваа дополнителна давачка, насочена да ја зголеми добивката на корпорацијата ЕВН.
Не навлегувам на кој начин се дефинира приходот на ЕВН, но ги цитирам зборовите од текстот во „Нова Македонија“: „– РКЕ му определува на ЕВН приход,“… „Надоместот не се екстра пари, туку тие се во рамките на приходот,..“. Значи, однапред РКЕ определува колкав ќе биде приходот, јасно и со предвидена добивка (тие работат за профит, не за к….о здравје). И сега доаѓа најубавото, во РКЕ имаат ПРОБЛЕМ: „Поради тие што поставиле фотоволтаици имаме проблем, ни се намалуваат количествата електрична енергија што се дистрибуираат низ мрежата“.

Со висината на добивката остварена за 2023 година, за две години ЕВН си ги враќа парите за купената електродистрибуција и неколкуте мали хидроцентрали продадени при таканаречениот „бонбона-бизнис“. Го поддржувам решението на идната влада да се укине оваа неоправдана давачка за сите домаќинства, со што единствено се зголемува профитот на ЕВН

Замислете, тие имаат проблем, и за да му го решат проблемот, и да го обезбедат договорениот приход на ЕВН, ги зголемуваат давачките на сите потрошувачи!?! И си го решиле проблемот! ЕВН ќе си го добие предвидениот приход.
Колку да знаат граѓаните: Добивката на корпорацијата ЕВН за 2023 година изнесува: 4,232,890,401 денари т.е. „во наши пари“ 68,827,486 ЕВРА! И уште еднаш и со зборови, речиси 69 милиони евра годишна добивка. ДОБИВКА, разбирате, а РКЕ се грижи со уште неколку милиони, исцрпени од потрошувачите, да го награди ЕВН. Дел од ЕВН се меѓу 100 компании со највисока добивка во 2023 година, и тоа: АД ЕВН МАкедонија, ЕВН ХОУМ, Електродистрибуција, ЕВН Електрани. За да им се помогне, да останат меѓу овие 100 компании, им се додаваат уште тие неколку милиони евра собрани од давачката за пристап до мрежа!
Си поставувам прашање: На кој начин се обезбедуваат средства за финансирање на РКЕ? Дали учествуваат со некој процент учесниците во секторот на енергетиката како ЕВН, АД ЕСМ, МЕПСО, приватни трговци? Дали зголемениот профит на овие сервисни организации влијае на висината на примањата на вработените во РКЕ? А? А тие се значително, значително повисоки од примањата во другите институции.
Кога го читам објаснувањето што се однесува за „грижата за граѓаните, за да не им се зголемат трошоците“, се прашувам дали навистина го мислат ова, дали веруваат во ова и дали веруваат дека ние, потрошувачите, не го разбираме кажаното? Како што често меѓу себе коментираме, зарем мислат дека пиеме нафта. Или знаат дека е скапа, па не ја пиеме? Просудете сами:
„Во тие случаи ако ние не го воведевме надоместокот, цел товар поради намалената потрошувачка се префрла на тие што не поставиле фотоволтаици. Сѐ повеќе и повеќе имаме домаќинства што поставуваат фотоволтаици и нивната потрошувачка паѓа и товарот се префрла кај другите домаќинства што немаат доволно финансии за да стават фотоволтаици. Според нас, тоа е фер пристап, да не биде ударот само кај тие што не поставиле фотоволтаици, туку да биде рамномерно распределен“.
Сѐ повеќе и повеќе домаќинства ќе ставале ФВ-колектори и помалку струја ќе купуваат преку ЕВН и, замислете, предвидениот доход МОРА да се оствари. Не смее да им се намали, во согласност со смалената услуга. Доход мора да им се обезбеди, тој е утврден од РКЕ и мора да се исполни. А баш ме интересира дали некој во Македонија има информација колку домаќинства навистина се просјумери? Просјумери се домаќинства што поставиле ФВ-колектори и во исто време се и производители и потрошувачи на електрична енергија. Илјада, две, пет илјади? И колку тие влијаат во однос на 650.000 домаќинства и веројатно толкав број броила на електрична енергија? И дали го прифаќате образложението што го сервираат експертите од РКЕ? Можете да го проголтате?
Со висината на добивката остварена за 2023 година, за две години ЕВН си ги враќа парите за купената електродистрибуција и неколкуте мали хидроцентрали продадени при таканаречениот „бонбона-бизнис“. Го поддржувам решението на идната влада да се укине оваа неоправдана давачка за сите домаќинства, со што единствено се зголемува профитот на ЕВН.