Сè уште е рано да се процени дали светот се соочува со долг период на висока инфлација, рече шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, предупредувајќи дека неотпорноста на економиите на идни шокови може да доведе до големи проблеми.
Владите и централните банки мора внимателно да ја приспособат фискалната и монетарната политика во 2022 година, така што општото олеснување на мерките за поддршка и зголемувањето на клучните каматни стапки не го загрозуваат закрепнувањето, изјави извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд.
-Околностите се многу променети во споредба со 2020 година, првата година од пандемијата, кога министрите за финансии и гувернерите на централните банки ги координираа и синхронизираа мерките, така што денешните потези бараат поголема специфичност – додаде Георгиева.
Таа објасни дека инфлацијата трае подолго и зајакна повеќе од очекуваното поради прекините во синџирите на снабдување, неочекувано силната побарувачка за стоки и климатските шокови, кои се одразија на цените на храната.
На прашањето дали овие околности и ескалацијата на кризата во односите меѓу Русија и Западот поради Украина може дополнително да го продолжи периодот на висока инфлација, Георгиева одговори дека сè уште е рано да се проценува.
-Можеме да очекуваме свет склон кон шокови- додаде таа.
Нагласи дека инвестирањето во економијата и животната средина ќе помогне да се отворат повеќе можности за отворање работни места и просперитет.
-Ако не се контролира, изгледите ќе бидат помрачни, што ќе резултира со повеќе неочекувани настани – рече Георгиева.
Според неа, владите не се добро подготвени да се справат со повеќе кризи одеднаш.
Додаде дека пандемијата на Ковид-19, останува најголемиот ризик со кој се соочува глобалната економија, па затоа е императив да се засилат напорите за подобрување на опфатот со вакцинација во земјите со ниски приходи и да се исполни целта од 70 проценти на вакцинирани луѓе во земјите во светот до средината на 2022 година.
Минатата недела ММФ значително ги намали прогнозите за Соединетите Американски Држави, Кина и глобалната економија предупредувајќи на ризиците од пандемиската неизвесност, инфлацијата, прекините на снабдувањето и построгата монетарна политика во САД.