Фото: Пиксабеј

Критичните суровини/ретките метали и минерали во фокусот на ЕУ и на САД

  • Недостигот од пари за поддршка на нови иницијативи за рударство, преработка и производство, како во рамките на Европската Унија така и надвор од неа, претставува најголема пречка за спроведување на замислите на Брисел. ЕУ не треба да смета на никакво трговско олеснување што може да произлезе од средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со кинескиот колега Си Џинпинг одржана вчера

Среде геополитичка бура, Брисел брза да состави нов план до крајот на годинава за диверзификација на европското снабдување со таканаречени критични суровини – како што се литиум и бакар, со цел да ја намали зависноста од Кина. Но тоа не е ништо ново. Европската комисија засега даде малку детали за својот нов план, освен тоа што би се осврнал на заедничко купување, складирање, рециклирање ресурси и на нови партнерства. Таа веќе се осврна на тие мерки пред две години во својата прва иницијатива за ова прашање – Законот за критични суровини.
Претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен, беше принудена да дејствува поради проширувањето и заострувањето на контролата на извозот на ретки земни метали и други критични минерали од страна на Пекинг овој месец, бидејќи трговските тензии со Вашингтон ескалираа. Европа беше зафатена во вкрстен оган – Кина учествува со 99 проценти во снабдувањето на ЕУ со 17 ретки земни метали и 98 проценти од нејзините постојани магнети од ретки земни метали.
Се очекува новиот план „РисоурсЕУ“ (RESourceEU) да следи сличен модел како планот „РипауерЕУ“ (REPowerEU), според кој, комисијата во 2022 година предложи инвестирање од 225 милијарди евра за диверзификација на маршрутите за снабдување со енергија по избивање на војната во Украина.
Тоа овозможи европската индустрија да се надева дека Брисел ќе направи повеќе отколку само да рециклира стара иницијатива и да се справи со главните пречки за диверзификација на синџирите на снабдување на блокот со минерали што му се потребни за сè – од обновлива енергија до одбранбени апликации. Најголемата од сите пречки? Недостигот од пари за поддршка на нови иницијативи за рударство, преработка и производство, како во рамките на ЕУ така и надвор од неа.
ЕУ не треба да смета на никакво трговско олеснување што може да произлезе од средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со кинескиот колега Си Џинпинг одржана вчера. Клучното прашање е дали, овој пат, притисокот ќе остане доволно висок за ЕУ ​​да мобилизира умствена моќ и средства во обем како што направи кога се обиде да ја прекине децениската зависност на блокот од руската нафта и гас.
– Европа повеќе не може да ги прави работите на ист начин. Болно ја научивме оваа лекција со енергијата; нема да ја повториме со критичните материјали. Затоа е време да се забрза и да се преземе акцијата што е потребна – рече Фон дер Лајен додека ја објавуваше иницијативата минатиот викенд.
Во моментов, ЕУ сака да ја убеди кинеската делегација на разговорите во Брисел што треба да се одржат денеска, да ги забрза одобренијата за извоз за нејзините најголеми увозници на суровини. Паралелно, министрите за енергија и животна средина од групата на индустријализирани земји Г7 треба да разговараат за тоа како да ги намалат ризиците во нивните синџири за снабдување со минерали во Торонто, Канада.
Кога комисијата го откри својот прв голем план за прекин на прекумерната зависност од Кина во 2023 година – Законот за критични суровини (ЦРМА) – лидерите во индустријата и аналитичарите главно се жалеа на едно нешто: недостиг од расположливи средства.

– Парите беа вистинско тесно грло за агендата за суровини на Европа. Рударството, преработката, рециклирањето и складирањето имаат потреба од сериозно финансирање – рече Тобијас Герке, виш политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи.
Доколку ЕУ не успее да ослободи повеќе ресурси, експертите предупредуваат дека е осудена да не ја исполни целта поставена во ЦРМА, за екстракција на најмалку 10 проценти од годишната потрошувачка на одредени минерали до крајот на деценијата, при што не повеќе од 65 проценти од некои суровини доаѓаат од една земја.
Тоа е висока цел, особено за ретките метали, на полето каде што Пекинг со децении изгради де факто монопол. Иако извршната власт на ЕУ избра стратешки проекти и во рамките на ЕУ и надвор од неа, кои треба да имаат корист од побрзо издавање дозволи од нивните вообичаени рокови за производство од 10 до 15 години, тие напори сè уште не дадоа плод.
– Ситуацијата бара европски фонд за суровини моделиран според успешни инструменти во неколку земји членки, за поддршка на стратешки проекти низ целиот вредносен синџир, од екстракција до рециклирање – рече Хилдегард Бентеле, членка на Европскиот парламент, која со години работи на критични минерали.
Но станува збор за многу повеќе отколку за едноставно фрлање пари за решавање на проблемот: Брзањето на комисијата во спроведувањето на својот план предизвикува сомнежи дека ќе ги задоволи потребите на еден многу сложен пазар, заедно со грижите дека ќе бидат запоставени еколошките заштитни мерки.
Во Торонто, министрите на Г7 ќе започнат нов Сојуз за производство на критични минерали, иницијатива предводена од Канада што има цел да обезбеди „транспарентни, демократски и еколошки одговорни критични минерали“, а исто така и да се спротивстави на манипулацијата на пазарот со синџирите на снабдување, рече висок канадски владин претставник.
Ова би сугерирало создавање таканаречени пазари базирани на стандарди што се оградени за да ги заштитат критичните минерали произведени одговорно, според договорените еколошки и социјални стандарди. На тој пазар би се поставил најнизок ценовен праг, додека минералите произведени на друго место – по пониски цени, но и пониски стандарди – би се соочиле со царина. Е.Р.


Националната безбедност на САД зависи од
кинеските минерали

  • Јасно е дека најразвиените земји во светот се целосно посветени на обезбедување на синџирите на снабдување со ретки метали и критични суровини што се клучни во областа на економскиот развој и одбраната. Развојот на ситуацијата во Америка, ЕУ и другите делови од светот е показател дека земјите брзо работат на олабавување на процедурите за експлоатација на ретки метали и критични суровини, знаејќи дека само на тој начин можат да го стигнат чекорот со петтата индустриска револуција

Претседателот на САД, Доналд Трамп, не чекаше долго за да го започне „масовното зголемување“ на тарифите со кои се закани како одговор на монополот на Пекинг врз реткоземните елементи и магнетите.
Трамп исто така го запре извозот на „критичен софтвер“. Ова се однесува на напреден софтвер за дизајн на чипови развиен од „Кејденс дизајн системс“ (Cadence Design Systems – CDNS) и од „Синопсис“ (Synopsys – SNPS). Трамп ја блокираше продажбата на софтверот оваа пролет, но потоа се премисли за време на разговорите меѓу САД и Кина за повторно започнување на извозот на реткоземни елементи и магнети во САД.
Кина воведе забрана за извоз на реткоземни елементи и магнети и сродни технологии во одбранбениот сектор. Овој потег можеби беше обид да се изврши влијание во разговорите меѓу САД и Кина пред средбата меѓу претседателот Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг.
Трамп рече дека односите меѓу САД и Кина „биле многу добри“ во последните месеци. Но, позитивниот пресврт дојде дури откако Кина го одмрзна извозот на критични суровини. За да го рестартира увозот на реткоземни метали и магнети, Трамп ги намали реципрочните тарифи за кинеските стоки и укина некои ограничувања поврзани со националната безбедност за извоз на технологија во Кина.
Но, најновите потези на Пекинг се чини дека сигнализираат дека може да има голем договор со Америка освен ако Трамп не е подготвен да продолжи со укинување на ограничувањата од ерата на претходниот претседател Џо Бајден за извоз на напредни чипови и опрема поврзана со чипови во Кина.
Кина има виртуелен монопол врз преработката на тешки метали и магнети што се користат во производството на финални производи како што се самариум-кобалтни магнети. Тие се неопходни за воена опрема како што се ракетите „ф-35“ и „томахавк“ на „Локид Мартин“ (ЛМТ).

Во 1995 година Кина не беше на мапата на земји што преработуваа, користеа или извезуваа ретки метали и магнети, но денес контролира повеќе од две третини од глобалното производство и преработка, што ѝ дава огромна компаративна предност во однос на другите земји во економската област, а особено во производството на најсофистицираната воена опрема, суперсонични авиони, ракети, подморници, сонари, радари, но и во автомобилската индустрија. Полека, но сигурно, таа го презема водството токму благодарение на достапноста и можноста за долгорочно снабдување со ретки метали и критични суровини како што се литиумот и кобалтот.
Реалност е дека американската национална безбедност е премногу зависна од кинескиот извоз на минерали. Се чини дека Пекинг знае дека САД ја снабдуваат најнапредната опрема за производство на чипови од Кина.
Алтернатива на кинеските реткоземни елементи и критични суровини е долгорочен проект, иако и „Ем-пи материјалс“ (MP Materials) и „Ју-ес-еј рер еарт“ (USA Rare Earth) работат со американската влада и Министерството за одбрана за да обезбедат синџир на снабдување надвор од Кина, вклучувајќи и за воена употреба.
Пентагон, покрај неодамнешната инвестиција од 400 милиони долари во „Ем-пи материјалс“ за 15 проценти удел, исто така обезбеди заем од 150 милиони долари на компанијата за одвојување тешки реткоземни метали во нејзиниот рударски комплекс Маунтин Пас.
Пред некое време, на 29 септември, и „Ју-ес-еј рер еарт“ (објави дека ја купи компанијата „Лес комон металс“ (Less Common Metals), со седиште во Велика Британија, за 227 милиони долари, која пред спојувањето доби поддршка од Министерството за одбрана на САД за проширување на производството на самариум во Велика Британија за да ги поддржи потребите на американската индустрија. „Ју-ес-еј рер еарт, исто така има права за рударство на наоѓалиште на тешки реткоземни метали во Тексас од кое извлече галиум и концентрати на тешки реткоземни метали „Ју-ес-еј рер еарт“ неодамна потврди разговори со Белата куќа за можно ново финансирање.
Соединетите Американски Држави се позиционираат како глобален лидер во производството на литиум преку стратешко партнерство во кое се вклучени „Литиум америкас“, „Џенерал моторс“ и Министерството за енергетика на САД. Целта на оваа соработка е да се воспостави најголемиот извор на литиум во западната хемисфера до 2028 година. Се очекува проектот „Такер Пас“, кој се наоѓа во Невада, годишно да произведува 40.000 метрички тони литиум карбонат за батерии. Ова производство ќе биде доволно за напојување на 800.000 електрични возила, значително намалувајќи ја зависноста на Америка од кинеската рафинерија на литиум. Иницијативата претставува поширок владин напор за инвестирање во сектори од клучно значење за националните интереси, означувајќи пресвртница во глобалниот синџир на снабдување со батерии.

При анализа на овие податоци, јасно е дека најразвиените земји во светот се целосно посветени на обезбедување на синџирите на снабдување со ретки метали и критични суровини што се клучни во областа на одбраната и економскиот развој.
Развојот на ситуацијата во Америка, ЕУ и другите делови од светот е показател дека земјите брзо работат на олабавување на процедурите за експлоатација на ретки метали и критични суровини, знаејќи дека само на овој начин можат да го стигнат чекорот со петтата индустриска револуција. Србија (како и помалите земји, н.з.) има шанса да ја обезбеди својата геополитичка позиција, да ги заштити националните интереси и националната безбедност и да им обезбеди на своите граѓани добри и добро платени работни места и деловно опкружување. Сигурен сум дека како земја ќе ја искористиме оваа историска можност и ќе обезбедиме мир, стабилност и иднина за следните сто години. Да помислиме на Србија, а Кина и Америка веќе ќе имаат договор!

Автор: Владимир Маринковиќ

Авторот е претседател на Српско-американскиот конгрес за пријателство