Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.

На средбите, како што се наведува во соопштението од Министерството, се разговарало за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 мегават час.

-ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 мегават час. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем, истакнала министерката Божиновска.

На средбата се разговарало и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледале можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.

ESCO моделот е деловен/финансиски модел каде компанија — ESCO — инвестира во инфраструктура за енергетски заштеди.

-ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување – посочила министерката.

Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.