Во Службен весник на Република Македонија е објавен Правилникот за формат, содржина и методологија за изработка на општинските енергетски планови, со кој за првпат се воспоставува структуриран и контролиран систем за планирање на енергетските инвестиции на локално и национално ниво, информираат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Со новиот правилник се напушта досегашниот ад-хок пристап и се воведуваат јасни правила, предвидливост и рамномерен развој на енергетските капацитети. Целта е да им се помогне на општините во целиот процес, од иницијатива до финален план, преку прецизно утврдени насоки и методологија.
Согласно правилникот, инвеститорите што планираат изградба на енергетски објекти со моќност до еден мегават ќе треба своите иницијативи да ги достават директно до општините најдоцна до 1 април. Потоа, општините, врз основа на пристигнатите предлози, сопствените потреби и просторните можности, изработуваат општински енергетски план и предлог-инвестиции, кои треба да ги достават до Министерството најдоцна до 15 мај.
Министерството, пак, врз основа на добиените податоци и потребата од рамномерен развој, ќе изготви годишен план за инвестиции. Општинските планови ќе бидат јавно објавени на нивните веб-страници најдоцна до 1 јули, со што се обезбедува транспарентност на процесот.
Од Министерството посочуваат дека со оваа методологија општините стануваат клучен партнер во планирањето, овозможувајќи инвестициите да бидат усогласени со реалните потреби на граѓаните и локалниот развој. Истовремено, се обезбедува и стратешка координација на национално ниво, со цел рамномерна распределба на енергетските капацитети и спречување на нивна прекумерна концентрација во одредени региони.
Правилникот веќе е доставен до Заедница на единиците на локалната самоуправа, од каде ќе биде проследен до сите општини во државата.
Од ресорното министерство додаваат дека ќе обезбедат стручна поддршка за општините во примената на правилникот, со цел процесот на подготовка и реализација на енергетските планови да се одвива ефикасно и непречено. Со воспоставувањето на овој систем, за првпат се создава основа за долгорочно и стратешко управување со енергетските инвестиции во државата.































