Фото: Министерство за одбрана

Министерството за одбрана објави нов јавен оглас за прием на 300 професионални војници во редовите на македонската Армија, отворајќи можност за вработување на млади граѓани заинтересирани за воена кариера.

Според објавата, кандидатите треба да бидат државјани на Македонија, полнолетни и со соодветна здравствена и физичка подготвеност. Како дополнителни услови се наведуваат завршено средно образование и возраст до 25 години на денот на затворање на огласот.

Од Министерството за одбрана ги повикуваат сите заинтересирани да ја искористат оваа можност, нагласувајќи дека службата во Армијата нуди сигурна кариера, континуирана обука, како и развој на професионални и тимски вештини.

Јавниот оглас ќе биде отворен 15 дена од денот на неговото објавување, а сите детали за пријавување се достапни на официјалната веб-страница на Министерството за одбрана.