Минималната плата во текот на 2022 година ќе се зголеми минимум на 18.000 денари, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши, најверојатно во вториот квартал од годината, како што најави.
-Согласно проекциите и анализите кои се направени тоа ќе се случи најверојатно во вториот квартал од годинава – рече Бектеши во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Бирото за метрологија.
Зголемувањето на минималната плата утре ќе биде една од темите за разговор и на средбата што ќе ја имаат Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во Владата. Од ССМ бараат и скалесто зголемување на сите други плати, како и утврдување на правото на регрес на вработените во јавниот сектор. Синдикатите најавија дека утре ќе разговараат и за примената на новите законски одредби за недела неработен ден бидејќи одредени работодавци го кршат правилото.