По најавата за протест на 14 јануари на вработените во дел од министерствата, доколку не се прифати барањето да добијат 30 проценти додаток на плата, министерот за јавна администрација Горан Минчев изјави дека протестот е демократско право.
Во интервју за ТВ 24, тој кажа дека тоа прашање треба да се разговара со повеќе министерства, пред се во Министерството за финансии, „за евентуални дополнителни средства“ во државниот буџет со кој ќе се овозможат тие 30 отсто.
-Јас сметам дека таа сума е преголема. Факт е дека платите во администрацијата се мали, но постојат две опции – еден колективен договор за сите, но и индивидуални колективни договори за секоја институција посебно, рече Минчев.
На прашањето дали ќе им се одговори на барањата на вработените со зголемување, одговори дека тоа ќе биде доколку се најдат средства што ги обезбедува Министерството за финансии, нагласувајќи дека е потребно време затоа што затекнале „огромни дупки во буџетот“ и, како што рече, „не може преку ноќ да се решат проблеми наталожени 30 години наназад“.
Со претседателот на синдикатот на УПОЗ, рече, имал средба на која се договориле во писмена форма да ги достават своите забелешки за законите за јавна администрација со кои не се согласуваат и во втората половина на идната недела повторно да имаат средба „за да разговараат за се она што може да послужи за подобрување на овие законски решенија“.
До 27 јануари на ЕНЕР (Електронскиот национален регистар на прописи) завршува 30-дневниот рок за јавна расправа за четирите предлог-закони за реформи во јавната администрација – Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор.
Минчев истакна дека во изминатите пет месеци е креиран овој пакет четири закони кои, рече, се „почеток на реформи во јавната администрација“, и дека биле вклучени синдикати, експерти, академската фела, невладини домашни и странски организации и сите засегнати страни.
По добиените забелешки на ЕНЕР, работната група од МЈА ќе ги креира конечните решенија што ќе бидат проследени на седница на Влада, а потоа и во собраниска процедура.
-Во овие закони кои ги креира МЈА овозможуваме фер натпревар за повеќе личности, каде не е критериум партиската книшка, туку знаењето и исполнувањето на своите задачи- истакна Минчев, додавајќи дека тие се усогласени со европските законски стандарди односно со барањата на Европската комисија.
Со новите законски решенија треба да се реформира администрацијата во која, како што рече Минчев, само 30 до 40 проценти од административците си ја работат работата, има одреден дел што воопшто не работат, во некои институции има дефицит од кадар, а некаде, пак, превработеност.
-Поради тоа, мора да се направи добар баланс, да се изврши преедукација на оние кои веќе се затекнати во јавниот сектор, со цел да бидат вклучени во процесот и извршување на своите работни задачи, односно, народски кажано – да ја заслужуваат својата плата- рече Минчев.
На прашањето зошто Министерството за јавна администрација нема колективен договор, тој одговори дека колективен договор се носи кога ќе бидат обезбедени пари.
– Не може да се прифати колективен договор кога не се обезбедени средства во буџетот. Министерството за јавна администрација е во фаза на формирање синдикат, не постои синдикат, а колективниот договор се потпишува со релевантен претставник на синдикатите. Ние имавме вчера еден состанок со вработените на кој јас го иницирав тоа прашање да се формира синдикат, но така како што треба. И јас синдикатот не го сметам за противник туку за партнер со кој е секогаш добро да се разговара и да се слушне нивното мислење – рече министерот за јавна администрација во интервјуто за ТВ 24.