Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека во завршна фаза е анализата за базичната инфлација и дека многу скоро Владата ќе излезе со мерки за зголемувањето на цените на прехранбените производи. За ова очекува да се разговара и на Економско-социјалниот совет којшто, како што рече, треба да одржи седница затоа што е завршена постапката со репрезентативноста.
Коментирајќи на изјавата на министерот за економија Бесар Дурмиши од минатата недела, Мицкоски рече дека можеби погрешно е сфатено и дека мерки нема во моментот затоа што трае анализата, но дека што се заврши со неа, мерки ќе има.
– Можеби поинаку е сфатено. Мерки во моментот нема бидејќи трае анализата. Во моментот кога ќе заврши анализата, се разбира дека ќе има мерки. Мислам дека веќе во завршна фаза е анализата за да излееме со конкретни мерки и имаме индикатори зошто тоа се случува така што очекувам дека многу скоро ќе излеземе – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на затворениот базен во склоп на училиштето „Невена Гоергиева – Дуња“ во Кисела Вода.
Посочи дека инфлацијата е висока и во голем дел од европските држави и изнесува над пет проценти.