Премиерот Христијан Мицкоски очекува намалување на инфлацијата во следниот период и нејзино сведување на два до три проценти наредната година. Како што изјави денеска, првпат по многу месеци и базичната инфлација, но и цените на прехранбените производи на месечно ниво имаат негативен партаметар што значи дека се намалуваат.
-Очекувам во овие месеци да има намалување, а следната година да дојдеме до инфлација меѓу 2 и 3 отсто на годишно ниво. Ако ја споредиме инфлацијата со земјите околу нас кои се дел од ЕУ, Хрватска 4,6, Романија 6,8 отсто во август, кај нас има тренд на намалување и првпат по многу месеци можам да кажам дека и базичната инфлација, но и цените на прехранбените производи на месечно ниво имаат негативен партаметар, тоа значи дека се намалуваат – истакна Мицкоски.
Премиерот информира и дека се изготвуваат мерките за цените на прехранбените производи, како и дека се веќе покренати одредени постапки од инспекциските служби.